За разлика од видеото на Трамп, во кое се појавуваат познати личности што го критикувале, како актерот Роберт Де Ниро и комичарките Вупи Голдберг и Рози О’Донел, во верзијата на Нетанјаху како „пациенти“ се прикажани истакнати израелски новинари. Станува збор за новинари што беа мета на предизборните реклами на Ликуд уште во 2019 година.
„Можеби и вие страдате од Ралебат“, вели во почетокот АИ-верзијата на Нетанјаху, користејќи акроним за „Само не Биби“, кој звучи како хебрејските називи за болести, како туберкулоза или беснило.
АИ-докторот Нетанјаху, облечен во бел мантил со стетоскоп околу вратот, вели дека „вообичаените симптоми вклучуваат опсесија, анксиозност и бескрајно гледање информативни канали“.
„Исто така, можно е секој успех да го прикажувате како неуспех“, додава тој.
Во продолжение предлага гледачите да ги слушнат сведоштвата на „некои од моите пациенти“ што ја примиле терапијата. Како пациенти генерирани со вештачка интелигенција се појавуваат новинарите Бен Каспит, Равив Друкер и Гај Пелег.
„Лекувањето е едноставно“, порачува АИ-докторот Нетанјаху.
„Исклучете ги паничните канали, престанете да голтате лажни вести“, вели премиерот, пред да ги „препише“ лековите „бибинол“ и „бибицин“.
Додека видеото на Трамп завршува со совет „само испијте диетална кока-кола“, Нетанјаху им порачува на гледачите „да испијат чаша вода“, а потоа го изговара слоганот „Заедно ќе победиме“.
Бен Каспит е долгогодишен новинар и ководител на израелската верзија на емисијата „Запознај ги новинарите“ на Канал 12, кого Нетанјаху го тужеше за клевета пред осум години.
Равив Друкер е колумнист на Хаарец и познат новинар на Канал 13, а минатиот месец во близина на неговиот дом се појави графит со заканувачка порака.
Гај Пелег е судски известувач на Канал 12. По неговото известување за злоупотреба на палестински притвореници во затворот Сде Тејман, добивал смртни закани, поради што му беше доделена лична заштита.
ד״ר ביבי pic.twitter.com/hcgLReaIvs
— Benjamin Netanyahu – בנימין נתניהו (@netanyahu) July 8, 2026
Сите тројца, заедно со политичкиот аналитичар Амнон Абрамович, уште во 2019 година беа прикажани на неофицијални предизборни плакати поврзани со Ликуд, со натписот: „Тие нема да одлучуваат“.
Бен Каспит реагираше на видеото на социјалните мрежи, а неговата критика беше насочена кон Јонатан Урих, висок медиумски советник на Нетанјаху.
Урих минатиот месец беше обвинет дека во 2024 година на германски таблоид му доставил доверливи документи, во рамките на таканаречената афера „Бибиликс“.
„Кажете му на Урих дека целосно забегал. Не е смешно. Штета што постојат – или поточно, што веќе не постојат – 2.100 Израелци што нема да можете да ги излекувате“, напиша Каспит, алудирајќи на жртвите од нападот на 7 октомври.
„Ова е прилично лоша имитација на Трамп. А тој би требало да се држи до својата хонорарна работа за Катарците“, додаде Каспит.





