четврток, 9 јули 2026

Ројтерс: Путин сака да ја продолжи војната и да го заземе остатокот од Донбас

Рускиот претседател Владимир Путин го отфрлил предлогот на сопствените советници да ја запре војната долж сегашната линија на фронтот и наместо тоа ги прекорил, објави Ројтерс, повикувајќи се на три извори поврзани со Кремљ. Според тие извори, Путин и понатаму сака да ја продолжи војната за да го заземе преостанатиот дел од украински Донбас.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Два извори на Ројтерс тврдат дека украинските напади со беспилотни летала со долг дострел врз руски рафинерии, пристаништа и горивна инфраструктура дополнително ја зацврстиле решеноста на Путин, наместо да го поттикнат кон преговори.

Еден извор, кој редовно се среќава со Путин, изјавил за Ројтерс дека рускиот претседател е „фиксиран“ на целта да го заземе преостанатиот дел од Донбас.

Истиот извор тврди дека Путин неодамна прекорил група советници што предложиле конфликтот да се замрзне долж сегашната линија на фронтот како основа за прекин на огнот.

Друг извор рекол дека Путин верува оти руските сили на крајот ќе го заземат преостанатиот дел од Донбас и затоа не е подготвен на компромис.

Изворите на Ројтерс додале дека постои „голема веројатност“ Русија во наредните месеци да ја ескалира војната, наместо да се насочи кон мировни преговори.

Нивните тврдења се спротивни на неодамнешните изјави на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, кој по разговорите со Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека крајот на војната е „поблиску отколку што луѓето мислат“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјавил за Ројтерс дека Русија и понатаму е отворена за мирно решение. Сепак, тој додал дека Москва има „доволно капацитети самостојно да дејствува и да ја продолжи специјалната воена операција“, како што Кремљ ја нарекува инвазијата врз Украина.

Слични предупредувања доаѓаат и од Европа. Висок украински функционер изјавил за Ројтерс дека и украинските разузнавачки служби проценуваат оти Путин се подготвува за понатамошна воена ескалација, а не за мир.

Според тој функционер, можни се нови операции во Украина или против некоја друга европска држава.

Чешкиот претседател Петар Павел изнесе слично предупредување во интервју за „Телеграф“. Тој рече дека Украина има околу два месеци да се обиде да ги придвижи преговорите, пред Русија значително да ја ескалира војната.

Павел смета дека Путин најверојатно нема да прогласи голема мобилизација пред парламентарните избори во Русија на 20 септември, но дека би можел да го направи тоа веднаш по нив.

„Претседателот Путин тешко дека ќе прогласи мобилизација пред тоа, но кога изборите ќе завршат, прозорецот ќе се стесни“, изјави Павел.

Чешкиот претседател тврди дека сојузниците сега треба да го засилат воениот и дипломатскиот притисок врз Русија, особено додека Москва се соочува со внатрешни проблеми, вклучително и недостиг од гориво предизвикан од украинските напади врз енергетската инфраструктура.

„Русија во моментов има многу внатрешни проблеми и предизвици. Руската јавност сè повеќе се врти против војната“, рече Павел.

Според него, продолжувањето на украинските напади длабоко на руска територија на крајот би можело да ја принуди Москва да се врати на преговарачката маса.

„Мораме да продолжиме силно да вршиме притисок, да ѝ го дадеме на Украина сето она што ѝ е потребно за успешно да се брани… Русија нема друг избор освен да преговара“, додаде тој.

Украинските напади врз руските рафинерии, складиштата за гориво и пристаништата предизвикаа недостиг од гориво во Русија. АП денеска објави дека украинските беспилотни летала продолжуваат да ја напаѓаат руската нафтена инфраструктура, вклучително и складишта во Тверската и Ставрополската област, како и танкери во Азовско Море, додека руските власти и медиуми бележат недостиг и штедење на горивото.

Украинскиот Генералштаб претходно тврдеше дека нападите онеспособиле 42,74 проценти од руските рафинериски капацитети. Тоа тврдење го пренесоа повеќе украински и меѓународни медиуми, но станува збор за украинска процена.

Украинските власти тврдат дека со нападите сакаат да ја ослабат способноста на Русија да ја продолжи војната. Изворите на Ројтерс, меѓутоа, наведуваат дека Кремљ во моментов воената ескалација ја гледа како пат кон победа, која Путин ја смета за неопходна во Донбас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ