Студијата ја спровеле професорите Феи Пенг и Кин Солви од Јужниот медицински универзитет во Гуангџоу, анализирајќи го однесувањето на 18 колонии бумбари користејќи забавени видеоснимки, пренесува британскиот Телеграф.
Истражувачите утврдиле дека бумбарите покажуваат различни реакции во зависност од вкусот на храната.
Откако ќе консумираат слатки раствори, тие често ги истегнуваат јазиците, што наликува на „лижење на усните“, додека по горчливите и солени течности, ги тресат главите и ги бришат устите.
„Многумина прифаќаат дека инсектите можат да чувствуваат, да учат и да донесуваат одлуки, но многу потешко ја прифаќаат можноста нешто да доживуваат како пријатно или непријатно. Нашите резултати го доведуваат во прашање таквото сфаќање“, изјавил Пенг.
Научниците наведуваат дека овие реакции претставуваат однесување што укажува на „допаѓање“ или „недопаѓање“, а не само автоматски рефлекси за време на исхраната.
Професорот Ендру Барон од Универзитетот „Меквери“ во Сиднеј рече дека резултатите претставуваат важен чекор кон подобро разбирање на внатрешните состојби на инсектите.
„Изразите на лицето претставуваат важен увид во внатрешната состојба на животните. Сè уште не знаеме што навистина доживуваат бумбарите, но можеме да набљудуваме однесувања што потсетуваат на емоции“, изјавил Барон.
Тој додаде дека резултатите би можеле да го променат начинот на кој науката ги гледа инсектите, со оглед на тоа што, и покрај тоа што мозокот тежи помалку од еден милиграм, бумбарите покажуваат посложени модели на однесување отколку што се сметаше претходно.
Истражувачите веруваат дека идните истражувања би можеле да придонесат за подобро разбирање на врската помеѓу мозочната активност и субјективното искуство, не само кај бумбарите, туку и кај другите видови инсекти.





