четврток, 9 јули 2026

Премногу размислувате – навики што можат да помогнат во намалувањето на негативните мисли

Дали ви се случува во еден часот по полноќ сè уште да размислувате за расправија што сте ја имале со вашиот партнер тоа утро? Зошто го кажа тоа? Како можеше да каже такво нешто? Тоа не сум јас. И потоа започнува низа прашања: Што ако повеќе не ме почитува? Што ако ова е почетокот на крајот?

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Негативните мисли можат да ве вовлечат во маѓепсан круг од кој е тешко да се излезе. Ако ова ви звучи познато, важно е да знаете една работа – прекумерното размислување не е особина на личноста, туку навика што вашиот ум ја усвоил. Тоа значи дека може да се промени, објави Тајмс оф Индија.

Не станува збор да размислувате помалку, туку поинаку.

Правило „без жалење“

Ако често се жалите или негодувате, обидете се да издржите еден ден без тоа.

Иако жалењето може да изгледа како начин да се ослободите од стресот, неговиот психолошки ефект често е спротивен. Секојпат кога повторно раскажувате што тргнало наопаку, вашиот мозок сè повеќе верува дека немате контрола врз ситуацијата.

Обидете се 24 часа да не изговорите ниту една жалба, дури ни во себе. Можеби ќе биде тешко, но многумина забележуваат дека потоа се чувствуваат полесно и имаат повеќе енергија.

Престанете со прашањата „што ако“

Постојаното размислување за тоа што би можело да тргне наопаку е еден од главните поттикнувачи на претераното размислување.

Наместо да се прашувате: „Што ако се случи најлошото?“, обидете се да ја промените перспективата и запрашајте се: „Што ако, сепак, сè заврши добро?“

Оваа мала промена нема преку ноќ да ги избрише старите обрасци на размислување, но може да ја прекине спиралата на негативни мисли доволно долго за повторно порационално да ја согледате ситуацијата.

Правило од 10 секунди

Не секоја мисла заслужува ваше внимание.

Кога ќе ве вознемири некоја вест или негативна мисла, застанете и запрашајте се: „Дали ова навистина го заслужува моето внимание во овој момент?“

Дајте си десет секунди пред да продолжите да размислувате за тоа. Честопати, токму тогаш помалку важните мисли ја губат својата моќ.

Претераното размислување опстојува благодарение на вниманието што му го посветувате. Кога ќе му го ускратите, тоа станува сè потивко.

Престанете да го замислувате најлошото можно сценарио

Ако постојано однапред замислувате катастрофа, можеби мислите дека само се подготвувате за сите можности.

Сепак, на тој начин всушност го тренирате вашиот нервен систем да очекува опасност. Со текот на времето организмот почнува да реагира на замислените закани исто како и на вистинските – срцето забрзано чука, дишењето станува поплитко, а чувството на вознемиреност не престанува.

Затоа, обидете се да престанете ментално да ги „вежбате“ катастрофите што сè уште не се случиле. Ова не значи дека треба да ги игнорирате ризиците, туку не дозволувајте замислените најлоши сценарија да преземат контрола пред да се случи нешто.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ