четврток, 9 јули 2026

Сега секој може да ги користи вашите Инстаграм-фотографии за АИ-слики – освен ако не ја исклучите опцијата

Како дел од воведувањето на моделот Мјуз имиџ на Мета, корисниците на Инстаграм со јавни профили мора сами да ја исклучат опцијата ако не сакаат нивната содржина да се користи за создавање слики со вештачка интелигенција.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Новата алатка е длабоко интегрирана во Инстаграм, а една од најважните промени се однесува на корисниците со јавни профили. Нивните јавни објави, според стандардните поставки, сега може да се користат за создавање слики со вештачка интелигенција.

Ако некој во барање означи јавен профил на Инстаграм, Мета АИ може да генерира слика користејќи ги фотографиите и визуелниот идентитет на тој корисник, пишува Вајрд.

За тоа не е потребна посебна согласност од корисникот. Ако профилот му е јавен и не ги промени поставките, неговата содржина може да се користи во новите функции за вештачка интелигенција на Мета.

Тоа значи дека јавно објавената фотографија повеќе не е само содржина што другите можат да ја гледаат, туку може да послужи и како основа за создавање нови слики што корисникот ниту ги снимил, ниту ги одобрил.

Мета оваа можност ја претставува како начин за персонализација на содржините создадени со вештачка интелигенција.

„Без разлика дали сакате да дизајнирате персонализирана покана за настан, да осмислите заеднички креативен концепт или да генерирате персонализирана графика, означувањето на корисничкото име му овозможува на Мета АИ да ги искористи јавните фотографии и да создаде визуелен материјал подготвен за објавување“, наведува компанијата во една од објавите за новата алатка.

Но новата можност отвора низа прашања за приватноста, согласноста и контролата врз сопствениот лик.

Фотографиите од јавните профили често прикажуваат лице, тело, семејство, деца, пријатели, приватни моменти, патувања и секојдневен живот. Сега таквата содржина може да се користи за создавање нови, реалистични слики во контексти што корисникот не ги избрал.

Тоа вклучува и можност за создавање слики што некого го прикажуваат во политички, комерцијален, навредлив или сексуализиран контекст.

Проблемот е особено сериозен затоа што сликите создадени со вештачка интелигенција може да изгледаат уверливо, иако прикажуваат настани или ситуации што никогаш не се случиле.

Во Центарот за помош на Инстаграм е наведено дека корисниците нема да бидат известени кога некој ќе ја искористи нивната содржина за генерирање слики со вештачка интелигенција.

„Нема да бидете известени за содржина создадена со користење на функциите за вештачка интелигенција на Мета“, стои на страницата за помош.

Тоа значи дека некој може да ги искористи јавните објави од туѓ профил за да создаде слика со вештачка интелигенција, а лицето чии фотографии биле искористени нема да добие ниту предупредување, ниту барање за одобрување, ниту можност пред објавувањето да види што е создадено.

Инстаграм наведува и дека префрлањето на профилот на приватен или промената на поставките може да спречи идно користење на содржината.

Меѓутоа, сликите со вештачка интелигенција што веќе биле создадени со нечија содржина нема автоматски да бидат избришани.

Новата функција работи според принципот „исклучи ако не сакаш“. Тоа значи дека корисниците со јавни профили автоматски се вклучени, а оние што не сакаат нивната содржина да се користи за создавање слики со вештачка интелигенција мора сами да ја исклучат опцијата.

Таквиот пристап предизвикува критики бидејќи многу корисници не ја следат секоја промена на условите за користење ниту новите опции скриени во поставките на апликацијата.

Во пракса, голем број луѓе би можеле да останат вклучени во новата функција, а воопшто да не бидат свесни за тоа.

Станува збор за поширок тренд во технолошката индустрија, каде што корисничката содржина сè почесто автоматски се вклучува во системите за вештачка интелигенција.

Наместо корисникот јасно да даде согласност неговите фотографии да се користат за вештачка интелигенција, од него се очекува подоцна сам да ја пронајде и исклучи таа можност.

Експертите со години предупредуваат дека алатките за создавање дипфејкови сè побрзо се шират и стануваат сè подостапни.

Некогаш главни мети беа познатите личности, политичарите и јавните личности, но денес лажни слики создадени со вештачка интелигенција може да се изработат и врз основа на фотографиите на обични корисници на социјалните мрежи.

Особено проблематични се алатките што овозможуваат создавање неовластени сексуализирани прикази.

Во такви случаи, жртвите често немаат никаква контрола врз тоа каде се шири содржината, кој ја презема и како понатаму се користи.

Затоа промената што ја воведува Мета не е само техничка новина во поставките на Инстаграм. Таа се однесува на можноста нечиј јавен профил да биде искористен како основа за создавање нови слики без претходна проверка, одобрување или известување на корисникот.

Како да ја исклучите опцијата?

Корисниците што не сакаат нивните јавни објави на Инстаграм да се користат за создавање содржина со вештачка интелигенција можат да ја исклучат оваа можност во поставките на апликацијата.

Отворете го Инстаграм, одете на вашиот профил и допрете на трите линии во горниот десен агол.

Потоа пронајдете го делот Споделување и повторна употреба (Sharing and reuse).

Таму треба да се појави делот Дозволи другите да ја користат твојата содржина на Инстаграм и во функциите за вештачка интелигенција на Мета (Allow people to use your content on Instagram and with AI features on Meta).

Во тој дел има две посебни опции – една за објавите и една за рилс-видеата.

Корисниците што не сакаат нивната содржина да се користи за создавање слики со вештачка интелигенција треба да ги исклучат двете опции.

Бидејќи промената се воведува постепено, можно е новата опција сè уште да не е достапна на сите профили.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ