четврток, 9 јули 2026

Шпанија: Трамп ја ублажи реториката откако дозна колку придонесува Мадрид за НАТО

Шпанската влада денеска соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп ја ублажил реториката кон Шпанија, само неколку часа откако се закани дека ќе ја прекине трговијата со сојузничката во НАТО, бидејќи бил информиран за значителното зголемување на придонесот на Мадрид кон Алијансата во последните години.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На самитот на НАТО во Анкара во средата, Трамп ја нарече Шпанија „ужасен партнер“ и нареди веднаш да се запре целата трговија со земјата поради несогласувањата околу трошоците за одбраната и војната со Иран.

На пат кон Соединетите Американски Држави по завршувањето на самитот, тој им изјави на новинарите во претседателскиот авион:

„Имав проблеми, а сè уште ги имам. Но Шпанија денес целосно се врати. Денес Шпанија беше многу дарежлива.“

На прашањето што направила Шпанија, Трамп одговори:

„Исполнија барање за големи уплати, а ако не го направеа тоа, немаше ни да разговараме со нив.“

Портпаролот на шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека ова најверојатно се однесува на исполнувањето на претходната цел на НАТО за издвојување два отсто од бруто-домашниот производ за одбрана.

На самитот Санчез истакна дека Шпанија ќе ја достигне таа цел годинава, откако номиналните трошоци за одбрана ги зголеми од 0,98 проценти од БДП во 2017 година на речиси 33 милијарди евра. Тој го минимизираше значењето на спорот и рече дека со Трамп имал „многу срдечен“ разговор за време на самитот.

Сепак, Трамп повеќепати ја критикуваше Шпанија затоа што не се согласила со новата цел земјите-членки на НАТО до 2035 година да издвојуваат пет проценти од БДП за одбрана. Левичарската влада во Мадрид смета дека средствата треба да одговараат на реалните безбедносни закани, а не механички да се зголемуваат, бидејќи тоа би значело намалување на социјалните расходи.

Засега не е јасно дали ублажувањето на реториката на Трамп ќе влијае и врз неговата закана за прекин на трговијата.

На прашањето кои ќе бидат следните чекори по наредбата на Трамп, американски претставник во Вашингтон му изјавил на Ројтерс дека надлежните федерални агенции ќе му достават на претседателот „листa“ на шпански производи што би можеле да бидат предмет на ембарго.

Експерти за трговско право оценуваат дека Трамп би можел да се повика на Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни состојби за да воведе целосно или делумно ембарго на увозот од Шпанија. За време на неговиот прв мандат, во 2018 година, администрацијата воведе антидампинг царина од 30 проценти за шпанските црни маслинки.

Извори од шпанската делегација во Анкара, на кои се повикува весникот Ел Мундо, рекле дека Мадрид го доживува спорот како инсцениран конфликт без вистински последици и дека шпанските власти не забележале економски последици или намалување на американските инвестиции во земјата, и покрај критиките од Трамп.

Некои претставници на најголемата опозициска Народна партија го обвинија Санчез за спорот, но истакнаа дека стојат зад интересите на Шпанија.

Еден висок функционер на партијата нагласи дека меѓусебната поврзаност на шпанските и американските компании значи дека „економската реалност има предност пред грандиозните изјави што Трамп се обидува да ги даде за да ја нападне Шпанија“.

Во автономната покраина Арагон, со која раководи Народната партија и каде што големи американски технолошки компании, меѓу кои „Амазон“ и „Мајкрософт“, инвестираа милијарди долари во центри за податоци, властите соопштија дека работењето продолжува без промени.

Лидерот на крајнодесничарската партија Вокс, Сантијаго Абаскал, кој е сојузник на Трамп, оцени дека тензиите со Вашингтон се „апсолутно драматични“ и го обвини Санчез дека „го уништува кредибилитетот на Шпанија на светската сцена“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ