Александер Цинел за Фајненшл тајмс изјави дека системот има „суштински недостатоци“, бидејќи ги принудува патниците да поминуваат низ долги проверки на аеродромите, поради што некои со часови чекаат на пистата, изложени на екстремни горештини.
Грчката полиција привремено ги суспендираше сите биометриски проверки за британските државјани, кои го сочинуваат најголемиот дел од туристите од надвор од ЕУ што пристигнуваат на овие аеродроми. Според Цинел, ова привремено изземање, кое ќе важи до крајот на летото, е единственото што го спречува системот целосно да колабира.
„Ова се само привремени решенија. Системот мора целосно да се преработи. Потребна е нова верзија, надградба и веројатно целосна реконфигурација, за луѓето да можат да се регистрираат пред летот, пред да се качат во авион и пред да стигнат на аеродром“, изјави Цинел.
Системот ЕЕС почна постепено да се воведува во октомври минатата година, но откако целосно почна да се применува во април, предизвика долги редици и многубројни технички проблеми.
Патниците чекале со часови, автоматските киосци често не функционирале, а, според Цинел, „многу“ авиони биле принудени да полетаат без дел од патниците што останале заглавени во редиците за проверка.
На некои аеродроми ситуацијата била толку сериозна што биле поставени шатори за заштита од сонце за луѓето што чекале на пистата. Ангажирани биле и службеници што ги извлекувале ранливите патници од редиците и им овозможувале побрз премин.
„Ова е многу непријатно за патниците, па дури и опасно“, рече Цинел.
Минатата недела претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен призна дека постојат „технички проблеми“ со системот, кој предвидува патниците да остават отпечатоци од прсти и да бидат фотографирани на автоматски пунктови.
Цинел истакна дека грчките аеродроми се проектирани за вообичаено време на обработка на патници, а не за повеќечасовни чекања.
„Нашите капацитети се проектирани за стандардно време на обработка. Ако тоа време се зголеми четирикратно, тогаш ви треба четирипати повеќе простор“, рече тој.
Според него, апсурдно е аеродромите да градат нови терминали за електронски систем што, теоретски, би можел да функционира преку интернет.
„Велика Британија, Канада и САД имаат слични системи. Денес повеќето држави бараат претходна регистрација пред летот, и тоа има смисла“, додаде Цинел.
ЕУ планира да воведе и систем за претходно одобрение за патување, сличен на американскиот, но неговата примена е одложена за следната година поради проблемите со ЕЕС и потребата од дополнителни технички тестирања.
„Целосно го поддржуваме системот затоа што станува збор за безбедност. Но тој мора да биде дизајниран така што ќе се вклопи во процесите на аеродромите. Ако времето за обработка не се намали значително, ќе продолжиме да се соочуваме со истите проблеми“, рече Цинел.
Според сегашните правила, од септември повеќе нема да бидат дозволени привремените изземања, како она за британските државјани.
„Тоа е негирање на реалноста. Повеќе сум загрижен за тоа што ќе се случува по летото и следното лето. Ако ништо не се промени и луѓето треба да чекаат четири часа, тоа едноставно не е изводливо“, предупреди тој.
Според писмо до кое дошол Фајненшл тајмс, Германија, Франција, Италија, Грција, Португалија, Холандија, Малта и Швајцарија бараат овие привремени олеснувања да продолжат и по септември.
Европската комисија соопшти дека е во „близок и конструктивен контакт“ со земјите што бараат продолжување на исклучоците, кои им овозможуваат на граничните служби привремено да ги регистрираат само личните податоци на патниците, без фотографирање и земање отпечатоци од прсти.
Сепак, претставник на Комисијата изјави дека целосно суспендирање на системот на одделни аеродроми не е можно, бидејќи би се нарушило следењето на влезовите и излезите од Шенген. Во спротивно, патници чие излегување не е евидентирано би можеле погрешно да бидат третирани како лица што го пречекориле дозволениот престој и да им биде одбиен следниот влез во ЕУ.





