четврток, 9 јули 2026

Палестинците во ноември ќе излезат на избори првпат по 20 години

Палестинскиот претседател Махмуд Абас го одреди 28 ноември како датум за парламентарните избори, први по повеќе од две децении, објави палестинската новинска агенција ВАФА.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Абас со указ го одреди датумот, повикувајќи ги Палестинците на Западниот Брег, во Источен Ерусалим и во Појасот Газа да гласаат. На последните избори, одржани на 25 јануари 2006 година, исламистичката организација Хамас освои мнозинство со 74 од вкупно 132 места во Палестинскиот законодавен совет.

Една година подоцна Хамас ја презеде контролата врз Појасот Газа по насилните судири со движењето Фатах на Абас. Потоа парламентот во голема мера остана парализиран. Палестинскиот уставен суд конечно го распушти на крајот од 2018 година.

Дали изборите ќе се одржат и под какви услови останува неизвесно, истакнува агенцијата Дпа. Израел го смета Источен Ерусалим за дел од својот главен град, кој го смета за неделив, и ги забрани официјалните политички активности на Палестинската самоуправа во градот. Таа анексија во најголем дел не е меѓународно признаена.

Во разурнатиот Појас Газа, Хамас и натаму е главен политички фактор, и покрај војната со Израел.

Претседателските избори, кои исто така не се одржале со години по предвидениот рок, треба да се одржат во првиот квартал од 2027 година.

Абас, кој сега има 90 години, победи на последните претседателски избори на 9 јануари 2005 година. Неговиот редовен четиригодишен мандат заврши во 2009 година. Оттогаш претседателските избори повеќепати беа одложувани или откажувани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ