Во Германија годинава се регистрирани најмалку 5.120 смртни случаи поврзани со високите температури, од кои најголемиот дел се случиле за време на топлинскиот бран во јуни.
Германскиот Институт за јавно здравје Роберт Кох соопшти дека околу 4.270 од починатите биле постари од 75 години.
На крајот на јуни, температурите во поединечни делови на Германија надминаа 40 Целзиусови степени. Повеќето згради во земјата не се проектирани за толку високи температури, вклучително и многубројни болници и домови за стари лица, кои сè уште немаат климатизација, пренесува Дојче веле.
Топлинскиот бран не ја погоди само Германија. Според податоците на европските здравствени и климатски служби, Франција, Белгија, Шпанија и Холандија заедно пријавиле повеќе од 4.700 дополнителни смртни случаи за време на топлинскиот бран кон крајот на јуни.
Климатската служба на Европската Унија Коперникус денеска објави дека јуни годинава бил најтоплиот јуни досега забележан во Европа, со просечна температура за повеќе од три Целзиусови степени над просекот за периодот од 1991 до 2020 година.
Научниците сметаат дека рекордно високите температури минатиот месец ќе биле „речиси невозможни“ без климатските промени предизвикани од човековата активност, пред сè од согорувањето на фосилните горива.





