Во рамки на посетата, претседателите Костадиновски и Петров потпишаа Меморандум за разбирање и билатерална соработка меѓу Уставниот суд на Република Србија и Уставниот суд на Република Македонија, по што беше одржан стручен разговор меѓу членовите на двете делегации на тема „Извршување на одлуките на Уставниот суд“.
Со посетата, по речиси 15 години, е обновена билатералната соработка меѓу уставните судови на Македонија и Србија и е отворено ново поглавје во меѓусебната институционална соработка.
Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Дарко Костадиновски, се заблагодари за гостопримството и истакна дека уставните судови имаат исклучително важна улога, бидејќи нема ништо повредно од заштитата на човековите права и слободи.
„Ваквите средби се можност да ги размениме нашите драгоцени искуства и да разговараме за бројни теми што можат да бидат од корист за двата суда“, рече Костадиновски, запознавајќи ги учесниците на средбата со надлежностите на Уставниот суд на Република Македонија.
Претседателот на Уставниот суд на Република Србија, Петров, во своето воведно обраќање ја истакна неопходноста двете соседни држави, поврзани со историја и култура, институционално и редовно да соработуваат во областа која, покрај економијата, е од најголемо значење за животот на граѓаните – владеењето на правото.
„Ќе се согласите дека нашите две институции се во одредена мера поодговорни од која било политичка институција или поединечен политичар за јакнењето и унапредувањето на владеењето на правото, не само како фундаментално, туку и како животно начело на современата уставна демократија“, рече Петров.
Тој додаде дека владеењето на правото не е само збир на апстрактни принципи и вредности, туку систем на темелни начела што се гради преку правно засновани и добро образложени судски одлуки, особено на уставните судови, како и преку континуиран институционален дијалог.
Судијката на Уставниот суд на Република Македонија, Ана Павловска-Данева, одржа излагање за извршувањето на одлуките на Уставниот суд, со посебен осврт на одлуките во областа на апстрактната контрола.
Таа укажа на начините на извршување на одлуките, кои се задолжителни за сите што треба да постапуваат по нив, како и на можноста Уставниот суд да го определи рокот и начинот на нивното извршување. Павловска-Данева посочи дека постојат и сличности и разлики во извршувањето на одлуките на уставните судови во правните системи на Македонија и Србија.
Судијката на Уставниот суд на Република Србија, Наташа Плавшиќ, нагласи дека извршувањето на одлуките е клучно за ефикасната заштита на уставноста и човековите права и дека вистинската ефикасност на уставно-судската заштита не завршува со донесувањето и објавувањето на одлуката, туку со нејзиното целосно и навремено извршување.





