Во рамките на истрагата, вчера беа извршени претреси на пет локации во Скопје, меѓу кои и во две здравствени установи. При акцијата биле приведени три лица, од кои двајца се доктори.
Врз основа на обезбедените докази, предметниот јавен обвинител донел Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица. Тројца од осомничените се товарат за кривичните дела „злосторничко здружување“ и „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, додека четвртото лице е осомничено за кривичното дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“.
По предлог на надлежниот јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на сите четворица осомничени им определил мерки на претпазливост.
Станува збор за предмет што Обвинителството го отвори во април годинава, кога беше поведена истражна постапка против 17 физички и шест правни лица, за кои постои основано сомневање дека биле дел од организирана криминална мрежа инволвирана во извршување на кривичните дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“.
Случајот тогаш предизвика големо внимание во јавноста, бидејќи истрагата се однесуваше на нелегален увоз и употреба на медицински препарати, меѓу кои и ботокс, кои без соодветни одобренија и надвор од законските процедури биле дистрибуирани и аплицирани во приватни здравствени установи. Според сомнежите на истражните органи, препаратите биле набавувани по нелегални канали и користени спротивно на законските прописи, со што биле повредени правата на носителите на трговските марки, а истовремено бил доведен во прашање и системот за контрола на медицинските производи.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираат дека истрагата продолжува со цел целосно расчистување на сите околности на случајот, како и утврдување на евентуална инволвираност на други лица.





