На прес-конференција во Собранието, Стојаноски информира дека работната група составена од координаторите на пратеничките групи одржала средби во саботата и во вторникот, на кои ВМРО-ДПМНЕ предложила решение за надминување на разликите околу измените на Изборниот законик.
„Денеска е петок, сè уште немаме никаков одговор на понудата што ја произнесовме, не се најавува никаква иницијатива за средба помеѓу опозициските партии. В понеделник е веќе 13 јули, крајниот рок што го имаме како држава да ја заокружиме оваа цел за да имаме 10 од 10 исполнети задачи, краен рок е 15 јули. Затоа, сметаме дека оваа тема е пресериозна за да се политизира по неа“, вели Стојановски.
Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да го прифати секое решение што ќе го усогласат опозициските партии – Демократската унија за интеграција (ДУИ), Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Левица, како и блокот на Зијадин Села и Арбен Таравари – без разлика, како што додаде, дали се однесува на една изборна единица, моделот на финансирање на политичките партии или механизмите за изборни приговори.
„Сè што тие ќе стават во еден законски текст ние ќе го прифатиме, сè додека во него е вклучено гласањето на дијаспората. Даваме бланко-поддршка и веднаш ќе го потпишеме таквото законско решение“, рече пратеникот.
Според него, разликите меѓу политичките партии за изборниот модел, финансирањето на партиите и другите прашања не треба да бидат пречка за постигнување договор, доколку се обезбеди правото на глас на дијаспората.
„Дали конкретно се работело за една изборна единица, би го прифатиле она што тие ќе го договорат. За финансирањето на политичките партии, исто така модел што тие би го договориле, ние би го прифатиле моделот за поплаки што сметаа дека треба да биде внесен, и него би го прифатиле сè додека во сето тоа е вклучено гласањето на дијаспората. Што сакаат, како сакаат, за што тие сметаат дека треба да бидат прифатени, за нас ќе бидат прифатливи, веднаш даваме бланко-поддршка, го потпишуваме тоа законско решение што тие би го доставиле до нас сè додека е вклучено гласањето на дијаспората“, вели пратеникот.
Стојаноски повтори дека има време до 15 јули за усогласување и упати повик до опозициските партии да седнат на заедничка маса и да ги надминат несогласувањата.





