Според Обвинителството, двете пријавени девојчиња, на 30 јуни, на игралиште позади трговски центар во Скопје, во група извршиле грубо насилство и ја загрозиле сигурноста на 12-годишно девојче. Во насилството учествувало уште едно дете во ризик кое е на возраст од 13 години и согласно тоа не може кривично да одговара.
„Ја принудувале да клекне и да им се извини, а потоа ја удирале со шлаканици и ја влечеле за коса. Од ударите оштетената се здобила со телесни повреди, а кај нејзината другарка сведок на настанот и во јавноста било предизвикано чувство на несигурност загрозување и страв. Едно од момчињата помагало во дејствијата на насилство со совети, насоки и охрабрување како да го извршат делото. Двете момчиња неовластено направиле видео снимка од чинот на насилство без согласност од оштетената и повредувајќи ја нејзината приватност. Снимката им ја пратиле и на насилничките“, велат од Јавното обвинителство.
Надлежниот јавен обвинител побарал од судот во текот на постапката да биде определена и мерка на претпазливост, забрана на децата во судир со законот да се приближуваат или воспоставуваат и одржуваат контакти и врски помеѓу себе и со жртвата.





