петок, 10 јули 2026

Поранешна британска министерка пронајдена мртва, полицијата се сомнева на убиство

Британската полиција објави дека ја истражува смртта на поранешната конзервативна министерка Ен Видекомб како убиство.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Видекомб (78), поранешна членка на Европскиот парламент и една од најистакнатите застапнички на Брегзит, која стекна популарност и преку појавувања во забавни телевизиски емисии, вчера беше пронајдена мртва во својот дом во Девон. Полицијата во Девон и Корнвол соопшти дека пронашла знаци на „сериозни повреди“ на нејзиното тело.

Главниот инспектор Илона Росон изјави дека се верува дека осомничениот е белец и додаде дека полицијата „ги распоредува сите потребни ресурси за да утврди точно што се случило и да го пронајде одговорното лице“. Таа ги повика сите што имаат какви било информации да контактираат со полицијата.

Голем број политичари ѝ оддадоа почит на Видекомб во текот на денот. Нејзината политичка кариера траеше со децении. Во текот на 1990-тите, таа имаше неколку пониски министерски позиции во владата на тогашниот британски премиер Џон Мејџор.

Таа беше пратеничка во изборната единица Мејдстоун во Кент 23 години. Откако го напушти парламентот се посвети на телевизиска кариера и учествуваше во британската верзија на „Танцување со ѕвездите“ во 2010 година, како и во реалното шоу „Големиот брат на славните“ во 2018 година.

Таа беше силен застапник за излегување на Обединетото Кралство од Европската Унија, а од 2019 до 2020 година беше европратеник од партијата Брегзит во Европскиот парламент, претставувајќи ја Југозападна Англија.

Во 2023 година се приклучи на партијата „Реформа на Велика Британија“ на Најџел Фараж, откако Партијата за Брегзит го промени своето име, и имаше неколку јавни настапи како портпарол на партијата за прашања поврзани со имиграцијата и правдата.

Лидерот на „Реформ УК“, Најџел Фараж, рече дека Видекомб одиграла „клучна улога во спроведувањето на Брегзит“ кога се кандидираше за Партијата Брегзит во 2019 година.

Лидерката на Конзервативната партија, Кеми Баденох, ја опиша Видекомб како „исклучителен политичар“ и за Скај њуз изјави дека е „шокирана“ од веста за „суровиот и ужасен напад“. Таа изрази сочувство до Фараж и членовите на Реформ УК, велејќи: „Двајцата изгубивме пријател“.

Поранешниот лидер на Конзервативната партија, Иан Данкан Смит, изјави за „Тудеј шоу“ дека Видекомб „секогаш го кажувала своето мислење, дури и кога никој не го барал тоа“.

Портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер изјави дека премиерот е „тажен од веста за смртта на Ен Видекомб“. „Таа беше истакната личност во британската политика многу години и ние ѝ оддаваме признание за убедувањето и посветеноста со кои ѝ служеше на својата земја“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ