Кајри Ирвинг, Џејсон Тејтум, Тајрис Халибартон, Демијан Лилард, Џими Батлер, Лука Дончиќ, Остин Ривс, па се до Донте ДеВиченцо и Ентони Едвардс… во оваа 2025/26 сезона, нивните вкупни примања достигаат безмалку 340 милиони долари. Во лига како НБА, во која финансиите се загарантирани со договорите, а очекувањата се огромни колку што се и платите на кошаркарите и во која маргините помеѓу славата и пропаста се тенки, повредите на носечките ѕвезди се сериозно нарушување на поставениот систем на функционирање.
Во овој систем, заснован врз спектаклот на распродадени арени, глобални телевизиски договори и ултра скапи спонзорства, постои една помалку видлива алатка што ја прави целата финансиска конструкција одржлива – професионалното осигурување. Иако функционира во сенка, осигурувањето е клучниот финансиски столб кој им овозможува на клубовите да трошат стотици милиони на плати за кошаркарите. Полисите ги штитат нивните огромни инвестиции во случај на повреди кои можат за миг да ја уништат кариерата на еден играч. Во само еден момент, со еден чекор, со еден доскок или еден старт кон топката и кариерата на кошаркарот може да биде прекината или завршена.
За разлика од другите професионални лиги во САД, каде што договорите најчесто се само делумно заштитени, во НБА тие во огромна мерка се загарантирани. Кога суперѕвезда како Дончиќ потпишува максимален договор со вредност од 200 или 300 милиони долари, таа финансиска обврска за клубот не исчезнува ако играчот претрпи скината Ахилова тетива или вкрстени лигаменти на коленото. Клубот во секој случај мора да ja исплати договорената сума. Ваквата поставеност со гаранција на договорите би ја направила финансиската структура на НБА неодржлива без одреден паралелен систем дизајниран да го апсорбира ризикот. Осигурувањето, во овој контекст, не е луксуз туку основа врз која почива финансиската логика на лигата.
Професионалното осигурување во НБА е комбинација од полиси договорени на ниво на лигата и приватно договорени полиси за осигурување. Првите се еден вид безбедносен елек што ги одржува погодените тимови на површината, а вторите се нивна заштита од најтешките последици. НБА и синдикатот на играчите поставија механизми кои ги надоместуваат клубовите кога играчот ќе пропушти значителен дел од сезоната поради повреда. По дефинираниот праг од 41 пропуштен натпревар поради повреда, осигурителните компании почнуваат да покриваат процент од платата на играчот. Со тоа се ублажуваат загубите кои инаку би довеле до катастрофални финансиски загуби. За тимовите што имаат повеќе максимални договори, честопати надминувајќи 40 или 50 милиони долари годишно по играч, овој надомест е од суштинско значење за нивното функционирање.
Најдраматичната димензија на осигурувањето се појавува во не баш честите случаи на повреди што ја завршуваат кариерата на кошаркарот. Во ваков случај полисите активираат однапред договорени високи eднократни исплати како компензација за прекинот на кариерата на кошаркарот. Овие исплати, иако се значително високи поединечно, сепак се само дел во споредба со целосната вредност утврдена во договорите на НБА ѕвездите. На овој начин, иако не може целосно да го врати она што е загубено, осигурувањето во голема мерка го штити и стабилизира системот. Сепак, тимовите не се потпираат само на осигурувањето договорено на ниво на НБА лигата. Повеќето спроведуваат дополнителни приватни полиси прилагодени на специфични играчи и договори. Во оваа смисла еден млад талентиран и преспективен кошаркар може да биде осигуран поинаку од постар ветеран со богата историја на повреди. Премиите можат драматично да се зголемат врз основа на здравствената состојба, возраста и потенцијалот на кошаркарот. Тимовите за овие приватни осигурителни полиси прават максимално студиозни анализи и пресметки. Тоа, исто така, не се само финансиски одлуки, туку и показатели колку менаџментот е подготвен да инвестира во својот состав и во секој играч поединечно.

Видовите повреди што доминираат во осигурителните полиси ја одразуваат бруталната реалност на професионалната кошарка. Катастрофалните повреди како што се кинење на Ахиловата тетива, на предниот вкрстен лигамент или тешките фрактури се на врвот на листата, не само затоа што ги одвојуваат играчите од теренот на подолг период и со тоа ги нарушуваат резултатските проекции на тимот, туку затоа што можат да ги променат перформансите на кошаркарот на трајна основа. Овие повреди се прецизно дефинирани во приватните полиси и носат конкретна исплата. Од друга страна, хроничните проблеми со зглобовите или р’бетот се најнепосакуваните сценарија за осигурителните компании поради нивниот дегенеративен карактер, медицинската двосмисленост и потенцијалот за екстремно високи исплати.
Исто така, во полисите постојат и клаузули кои прават разлика помеѓу повредите поврзани со кошарката и оние здобиени надвор од теренот. Договорите се полни со услови што ограничуваат одредени активности со висок ризик, од екстремни спортови до навидум безопасни рекреативни активности. Доколку играчот ги прекрши овие услови и претрпи повреда, тимовите и осигурителните компании имаат основа да ги поништат обврските за плата, односно да одбијат барања за осигурување. Во НБА, телото колку е и личен имот, толку е и корпоративна инвестиција регулирана со правила што се протегаат и надвор од теренот.
Иако точните осигурителни бројки најчесто остануваат необјавени, индивидуалните договори на кошаркарите и платите што постојано се зголемуваат, упатуваат на тоа дека осигурителните полиси низ лигата веројатно штитат милијарди долари во потенцијални обврски. Во оваа смисла, секоја сезона претпочита и максимална посветеност на управување со ризици, а осигурителните компании, тимовите и НБА лигата заедно го менаџерираат овој процес.

Повредите на Лука Дончиќ и Остин Ривс нудат многу реален, речиси училишен пример за тоа како осигурителниот систем на НБА преминува од теорија во акција. Двајцата претрпеа мускулни повреди, Дончиќ со истегнување на задната ложа, а Ривс на стомачните мускули. Од гледна точка на осигурувањето, повредите на меките ткива, како што се истегнувањата на тетивата, се меѓу најчестите и највнимателно следени случаи. Овие повреди ретко водат кон завршување на кариерата, но носат висок ризик од повторување и можат да го одвојат играчот од тимот со недели. За играч како Дончиќ, чија годишна плата е во највисокото ниво на договори во НБА, дури и краткото отсуство за клубот претставува потенцијална загуба на милиони. Типично, ваквите повреди не предизвикуваат веднаш целосно надомест на осигурителните трошоци, бидејќи полисите се структурирани според бројот на пропуштени натпревари поткрепени со медицински извештај. Меѓутоа, ако закрепнувањето се протега или се појават компликации, осигурителите почнуваат да покриваат дел од платежниот товар. Во оваа смисла, повредата на Дончиќ е во сива зона, повреда што тимовите и осигурителите ја следат највнимателно, бидејќи може да еволуира од краткорочна исплата во продолжена финансиска обврска. Последната одлука на менаџментот да го пријави Дончиќ за отсутен поради повреда на неодредено време, значи и директно учество на осигурителната компанија во преземање на дел од товарот за неговата плата.
И додека за повредата на Лука е нејасно колкаво ќе биде учеството на осигурителот во неговата плата, за Џејсон Тетјум, тоа се знае. Откако го исполни прагот од отсуство во 41 натпревар, полисата за осигурување генерално му надоместува на тимот 80% од платата на играчот за секој дополнителен пропуштен натпревар. За Џејсон Тејтум, чија основна плата за сезоната 2025/26 е приближно 54,1 милиони долари, очекуваниот осигурителен надомест е нешто над 21 милион долари. Кајри Ирвинг ги пропушти сите 82 натпревари од сезоната. Исто како и за Тејтум, неговата полиса ги покрива последните 41 пропуштени средби со стапка на надомест од 80% од платата по натпревар. Со тоа Далас имаат право на приближно 14,6 милиони долари од вкупната плата од 39,4 милиони долари. Остатокот на сумата кај Тејтум и Ирвинг, како и во сите други случаи, е одговорност на приватните осигурителни компании, или ако евентуално нема такви договори за конкретниот играч, на клубот.
За навивачите повредата е спортска вест, но за менаџментот е деловен проблем. Осигурителните компании анализираат колкава финансиска дупка ќе остави повредениот кошаркар и колку долго ќе трае тоа. Секој лекарски извештај и исплатена полиса за НБА ѕвездите е всушност потврда за тоа колку професионално и строго НБА лигата и клубовите ги обезбедуваат своите мултимилионски влогови.
Љубомир Николовски










