вторник, 28 април 2026
Кристина Пота

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Како си забрануваме да чувствуваме?

„Со треперење на усните, кое попрво ќе го почувствуваш отколку забележиш, а кое трае пократко од миг“ Елеонора Дузе „те допира право во срце“, напишал Џорџ Бернард Шо 1895. година, опишувајки ја славната глумица.

Италијанската глумица, подоцна нарекувана „Грета Гарбо на своето време“, била позната по маестралното отелотворување на најинтимните чувства на ликовите кои ги играла. Шо ги ценел глумците кои прават да „размислуваме почисто и чувствуваме подлабоко“, за разлика од оние како Сара Бернар – кои според неговите зборови, на сцената се бавеле со „обманување“. Чарли Чаплин ја опишувал Дузе како „најголема уметница која било кога ја видел“, а станала и прва жена чија фотографија се нашла на насловната страница на магазинот Тајм.

Сепак, кога не била задлабочена во ликот, Елеонора била личност која ретко ги покажувала своите чувства. Од прашањата на настојчивите њујоршки новинари, се бранела со зборовите: „Освен на бината, јас не постојам“.

Како некој кој очајнички се труди да се „елиминира“ себе си во тоа и успева? Дали и сами ризикуваме да се најдеме во слична ситуација доколку ги потиснуваме своите чувства? Карактеристиката да си „забраниме“ да чувствуваме е наша свесна или несвесна одлука, на која влијаеле низа фактори чија историја досегнува далеку во минатото, сѐ до нашето најрано детство.

Чувства, мислење и однесување – неразделна тријада

Чувствата, мислењето и однесувањето се неразделна тријада и се дел од една голема целина – нас. Како го гледаме и доживуваме светот околу себе, како донесуваме одлуки и какви избори правиме, зависи од функционирањето на оваа тријада. Таа може да функционира складно или нескладно, а со тоа и ние самите.

Усогласеноста се огледува во нашето чувство на целовитост. Она што го чувствуваме е во согласност со она што го мислиме, а со своето однесување тоа и го потврдуваме. Чувствуваме и знаеме дека сме во мир со себе и тој мир го живееме.

Неусогласеноста се гледа во поделеноста. Најчесто тоа е поделеност помеѓу нашите чувства од една и мислењето и однесувањето од друга страна – се присилуваме себе си да правиме нешто што не сакаме и за што немаме потреба. Правиме нешто затоа што мислиме дека така треба или мора, а не затоа што тоа го сакаме или за тоа имаме потреба. Неусогласеноста се гледа и кога не се покренуваме да го постигнеме она што сакаме и за што мечтаеме, туку остануваме во она што не ни е убаво. Желба без иницијатива и движење. Целина на која еден дел секогаш ѝ недостасува.

Како бираме да ја раздвоиме целовитоста со која се раѓаме? Како во себе правиме расцеп и ги одвојуваме нашите чувства од мислењето и однесувањето?

Влијание на окружувањето додека растеме

Сите ние се раѓаме во некое потесно и пошироко опкружување кое не сме во позиција да го избираме. Во потесно опкружување спаѓаат луѓето кои нѐ донесуваат на свет и оние со кои сме опкружени во текот на нашето растење. Во пошироко опкружување спаѓа друштвото во кое живееме.

Идеално опкружување

Во идеални услови нашето прво опкружување се освестени родители кои нѐ сакаат и на кои главна цел им е да ни овозможат несметано да ги развиваме своите потенцијали, да ги откриваме своите таленти и да бидеме она што сме. Однесувањето на преостанатиот дел на потесното и пошироко семејство е синхронизирано со мисијата на нашите родители. Во пракса тоа значи дека растеме слободно, дека имаме дозвола и поттик да го откриваме светот околу себе и да реагираме на него. Можеме слободно да се движиме во просторот во кој живееме, да ги нарекуваме работите со вистинското име, да чувствуваме и да ги покажуваме своите чувства. Доволно сме добри токму такви какви сме – прифатени сме, сакани и почитувани. Ние сме центар на светот и имаме чувство дека светот се врти околу нас.

Реално опкружување и услови во кои растеме

Во реалноста, некои од првите реченици кои во најраното детство ги слушаме како одговор на нашите потреби почнуваат со „не“ и „немој“. Нив ги следат фрустрации и казни кои ги добиваме од околината кога се однесуваме во склад со своите чувства. Луѓето покрај кои растеме често умеат да бидат непријателски настроени кон нашите обиди да ги задоволиме своите потреби. Во таа нееднаква борба помеѓу возрасните кои се посилни и нас кои сме послаби, ние сме предодредени да изгубиме. Возрасните победуваат и ги наметнуваат своите потреби на штета на нашите.

Ова е моментот во кој многу деца се откажуваат од понатамошните обиди да ги задоволат своите потреби. Откажувањето се случува како последица на казни и фрустрации, а се со цел да се избегнат болните искуства.

Кога одговорот на нашите потреби е одбивање или казна, ставени сме во позиција да реагираме и да одлучиме што ќе правиме со своите потреби, со сознанието дека околината не е подготвена да не задоволи, и со нашите чувства во врска со тоа.

Секое дете различно доживува и реагира на игнорирање и отфрлање. Некои деца одлучуваат да ги исклучат своите чувства и да не ги чувствуваат, други да не чувствуваат само одредени чувства, а трети воопшто да не им веруваат на своите чувства. Овие одлуки ги донесуваме несвесно, а нивната функција е заштитна. Цел е да ја издржиме болката така што „нема“ да ја чувствуваме и да ја задржиме љубовта, наклоноста и прифаќањето на оние покрај кои растеме; да избегнеме казна или отфрлање. Во детска возраст, овие одлуки се во функција на преживување, бидејќи кога сме мали и беспомошни зависиме исклучиво од приврзаноста и негата кои ги добиваме од околината.

Што може да стори детето во оваа ситуација? Не е во позиција да се налути на оние покрај кои расте и да ги напушти. Нема каде да оди, ниту може да се грижи само за себе и да опстане. Затоа многу деца интуитивно бираат да ги исклучат своите чувства – за да ги одвојат од своето мислење и однесување.

Како изгледа кога ќе одлучиме да не чувствуваме и кога ќе ги одвоиме чувствата од мислењето и однесувањето

Ако како деца сме донеле одлука да ги исклучиме своите чувства, како возрасни имаме впечаток дека не знаеме што чувствуваме или како се чувствуваме. Бираме и одлучуваме врз основа на тоа како мислиме дека „треба“ или „мора“. И кога се чувствуваме лошо во врска со нашите избори и одлуки, сметаме дека тоа е неизбежно, дека така „мора” и чекаме да помине.

Исто важи и за нашите емоции кои од страна на возрасните биле прогласувани за неприфатливи или недозволени. Така сме научиле да ги блокираме нашите чувства и да не покажуваме лутина, омраза, бес, презир, огорченост, страв или болка. Сме научиле да не плачеме пред други и да не покажуваме дека ни е битно, дека сакаме, дека сме лути и повредени.

Нови одлуки и нов почеток

Една од работите од детството кои ги носиме со себе во возрасно доба се и нашите одлуки во врска со отфрлањата кои сме ги доживеале. Доколку не ги освестиме и не одлучиме поинаку, можеме доживотно да бидеме заложници на одлуките од детството. Тие сега се вткаени во нашето функционирање и станале наши автоматски, рефлексни реакции.

Однесувањето кое некогаш имало за цел да ни овозможи да преживееме во средината во која сме растеле, сега е попречувачки фактор и значајна препрека во задоволувањето на нашите потреби.

Доколку во детството несвесно сме одлучиле да не бидеме свесни за своите чувства и да ги исклучуваме за да го издржиме растењето, сега сме во позиција свесно да одлучиме поинаку. Не сме повеќе мали и во целост зависни од околината. Сме пораснале, сме стекнале одредени животни искуства, вештини и знаења. Сега имаме избор. Можеме да се избереме себе си и да работиме на тоа да бидеме среќни, задоволни и исполнети. Да чувствуваме и да ги делиме своите чувства со луѓето кои ги сакаме и со кои сме одбрале да бидеме заедно.

Кристина Пота Радуловиќ,

психотерапевт, клинички психолог и гешталт терапевт www.gestalt.org.rs

 

КОЛУМНИ

Катерина Климоска

Универзитети без инфраструктура: управувањето, администрацијата и тивката ерозија на автономијата

Дарко Јаневски

Еве зошто настаните од „27 април“ не беа тероризам, туку обвинителско-судска...

Александар Иванов

Унгарската лекција: Зошто македонскиот систем за рано предупредување е заглавен во...

Билјана Ванковска

Кој ја мери демократијата? Метриките на НЕД и геополитиката на пресудување

Рубин Земон

Неоправдана запоставеност на „Либералот“ во социјализмот

Катерина Климоска

Квалитет без независност, европски стандарди и македонската реалност

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ