ЕУ во март го предложи Законот за индустриско забрзување насочен кон зголемување на побарувачката за нискојаглеродни, европски технологии и производи, раст на претпријатијата и создавање работни места.
Законот предвидува правила „Произведено во Европа“, според кои компаниите кои сакаат да учествуваат во јавни набавки во стратегиските сектори, вклучувајќи ги автомобилската, челичната и зелената технологија, ќе мора да ги исполнат критериумите за минимален дел компоненти произведени во ЕУ.
Кинеското Министерство за трговија објави дека доставило коментари до Европската комисија во кои изразува „сериозна загриженост“ за планот, опишувајќи го како „системска дискриминација“, објави Франс 24.
„Доколку ЕУ продолжи со ова законодавство и со тоа им наштети на интересите на кинеските компании, Кина нема да има друг избор освен да преземе контрамерки за цврсто да ги заштити легитимните права и интереси на своите компании“, соопшти министерството.
Предлогот е клучен дел од напорите на ЕУ за зголемување на конкурентноста, намалување на индустрискиот пад и спречување на губење на стотици илјади работни места.
Новите правила особено влијаат на производителите на батерии и електрични возила од Кина, кои во иднина би морале да соработуваат со европски компании и да споделуваат технолошко знаење ако сакаат да работат во Унијата.
Европските компании во многу од секторите погодени од предлогот долго време се жалат дека се соочуваат со нелојална конкуренција од кинеските конкуренти, кои добиваат големи владини субвенции.
Законот, кој беше одложуван неколку пати поради несогласувања меѓу членките, треба да биде договорен од Европскиот парламент и Советот на ЕУ пред усвојувањето.
Кинеската стопанска комора во ЕУ претходно предупреди дека новиот план претставува чекор кон протекционизам кој би влијаел на трговската соработка меѓу ЕУ и Кина.






