Ова јубилејно издание вклучува осум учесници кои доаѓаат од Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија и Германија, кои во наредните три недели ќе живеат, учат и работат во Македонија преку оваа уникатна програма што овозможува професионална пракса, културна размена и едукативни активности. Особена благодарност упатена до Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), кој заедно со ОМД ја воспостави оваа програма и беше значаен партнер во нејзината реализација во изминатите години.
Учесници во програмата Birthright Macedonia 2026 се: Николас Симовски (САД) – пракса во Завод и Музеј – Охрид, Мирко Алмоски (САД) – пракса во Младински центар Охрид, Никол Дамијанидис (Канада) – пракса во Касарна ХАБ, Евелин Боско (САД) – пракса во Младински центар Охрид, Мариа Стојановски (САД) – пракса во Костал Македонија, Александра Митрушевски (САД) – пракса во А.Д. Охрид, Ангела Макреска (Австралија) – пракса во Завод и Музеј – Охрид и Никола Здравковски (Германија) – пракса во Костал Македонија.
Во текот на програмата, учесниците ќе стекнат професионално искуство усогласено со нивните академски и кариерни интереси, а истовремено ќе имаат можност да се запознаат со богатата историја, култура, институции и иновативниот екосистем на Македонија. Покрај практикантската работа, тие ќе се сретнат со претставници на државните институции, бизнис заедницата, претприемачи и дипломатскиот кор, а ќе посетат и значајни културни и историски локалитети низ земјата. Програмата вклучува и настани за вмрежување во Охрид, Битола и Скопје, како и можности за запознавање со македонските традиции, културното наследство и природните убавини.
Свеченото отворање на програмата се одржа во Куќата на Робевци во Охрид, каде што учесниците, менторите, партнерите, алумни членовите и почесните гости, заеднички го одбележаа почетокот на овогодинешното издание, како и значајниот јубилеј – 10 години од програмата Birthright Macedonia, соопшти ОМД.






