Со свеченост во Куќата на Робевци во Охрид, Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) вчера официјално го отвори јубилејното 10-то издание на програмата Бртрајт Македонија одбележувајќи една деценија посветена на поврзување на младите Македонци од дијаспората со нивната татковина.
Годинава во програмата учествуваат осум млади луѓе од Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија и Германија, кои во следните три недели ќе престојуваат во Македонија, стекнувајќи професионално искуство преку практикантска работа, културна размена и едукативни активности.
Од ОМД упатија благодарност до Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), кој заедно со организацијата ја воспостави програмата и во изминатите години беше значаен партнер во нејзината реализација.
Практикантската работа на учесниците ќе се одвива во повеќе институции и компании. Николас Симовски и Ангела Макреска ќе работат во Завод и Музеј – Охрид, Мирко Алмоски и Евелин Боско во Младинскиот центар Охрид, Никол Дамијанидис во Касарна ХАБ, Мариа Стојановски и Никола Здравковски во Костал Македонија, додека Александра Митрушевски ќе ја реализира својата пракса во А.Д. Охрид.
Покрај професионалното ангажирање, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со македонската историја, култура, институции и современиот претприемачки и иновативен екосистем. Во рамките на програмата се предвидени средби со претставници на државните институции, бизнис-заедницата, претприемачи и дипломатскиот кор, како и посети на значајни културни и историски локалитети низ земјата.
Програмата вклучува и настани за вмрежување во Охрид, Битола и Скопје, преку кои младите Македонци од дијаспората ќе имаат можност поблиску да се запознаат со македонските традиции, културното наследство и природните убавини.
Свеченото отворање во Куќата на Робевци ги собра учесниците, нивните ментори, партнерите, алумни членовите и почесните гости, кои заеднички го одбележаа почетокот на овогодинешното издание и значајниот јубилеј – десет години од успешната реализација на програмата „Бртрајт Македонија“.






