Во изјава за МИА, Димушевски откри дека зад насловот на неговото најново авторско издание „The Back of Beyond“ („Зад грбот на Бог“), се крие една исклучително емотивна приказна.
– Зад ова се крие емотивна приказна каква што сите имаме. „Зад грбот на Бог“ значи многу далеку од она што е, може тоа за да се толкува фигуративно, значи она што ни е најскриеното во себе. Тоа е и наслов на албумот којшто излезе во време на короната, значи 2022-2023, значи пред три години. Во таа небулоза и на седење дома и затварање јас решив да се отворам дома, да избегам од светот и да го направам она што го направив. Се радувам што тоа успешно излезе“, рече Димушевски.

Тој кажа и дека во 2024 година овој албум е прогласен за најдобар од страна на еден хрватски критичар кој, како што вели Димушевски, е многу строг и релевантен.
-Јас не сум навикнат на такви епитети, ама ајде, и тоа се случи, го нарече дека е најдобриот џез албум на 21. век во овој регион на Балканите“, рече Димушевски.
Тој во изјавата за МИА кажа дека овој албум е веќе свирен на неколку места.
-Со овој проект има нешто интересно. Јас за секој концерт, за секој концертен настап имам нови петнаесет минути или дваесет. Значи овој концерт е различен од тој што беше во Подгорица, од тој што беше, во Нови Сад, од тој што беше во Бања Лука. Значи секој концерт сакам прво да ми е мене интересен, да сум јас задоволен, јас да имам дополнителна концентрација и стрес, и трема, затоа што не одам на работа, на шалтер и секој ден едно и исто, истиот печат, истиот формулар. Сакам сам да се изненадам од себе. Четириесет отсто е фиксиран, останатите шеесет оставам да се случат на самиот концерт“, заклучи Димушевски.

Зоран Пејковски, директор на КИЦ –Софија, во изјава за МИА посочи дека овие културни настани што ги организира КИЦ-от, значат градење мостови меѓу двете држави.
-Ние максимално се трудиме преку културата да ги градиме тие мостови, културни мостови, таа културна дипломатија. Кај нас има секојдневно различен вид на публика од луѓе што излегуваат тука со изложби, музика, промоција на книги, преводи на македонски автори на бугарски јазик… Сето тоа значи таа културна дипломатија и збогатување на тој дипломатски однос што можеме ние да го разбереме, оти ние сме како тој мост што можеме да ги поврземе луѓето само преку културата, рече Пејковски.
Амбасадорката Агнеза Руси Поповска во изјава за МИА нагласи дека културата и културната интеракција, културната соработка помеѓу Македонија и Бугарија е навистина еден многу силен мост, во меѓусебните односи и во соработката помеѓу двете држави.
– Додека Културно-информативниот центар, тука во Софија е една многу важна алка во негувањето на културната соработка, културната интеракција помеѓу двете држави е навистина еден многу значаен пример за институција која позитивно придонесува во меѓусебните односи, рече Руси.
Таа потсети дека македонскиот КИЦ во Софија минатата година одбележуваше 20 години од своето отворање.
-Изминатата година, а како и оваа, беше одбележана со серија настани. Буквално имаме секоја недела, настан со којшто, не само што се промовира македонската култура и врвните македонски уметници тука во Софија, туку и се градат мостови, се градат врски, силни врски помеѓу двете општества и двете држави – рече Руси.
Така на пример, додаде таа, минатата година, за одбележување е што КИЦ-от организираше стотина настани.
-Тоа не се случува, мислам, во досегашната историја на КИЦ-от. Имавме важен јубилеј, но и важно беше Центарот преку својата активност да демонстрира дека е една македонска куќа, тука во Софија, отворена и за соработка и за меѓусебно општење на културните работници.

Концертот во Софија не е само музички настан, туку симболичен пресек на пет децении непрекинато творештво, истражување и уметничка посветеност. Тоа е вечер посветена на автор кој не престанал да ја преиспитува границата меѓу звукот и тишината, меѓу традицијата и иднината, меѓу локалното и универзалното.
Никола (Кокан) Димушевски, роден во 1958 година во Скопје, каде што и денес живее и создава, е еден од основачите на легендарната група „Леб и сол“, формирана во 1976 година, музичка група кој остави неизбришлива трага во историјата на југословенската и македонската музика. Со оваа група и како самостоен автор, тој има реализирано над 21 носач на звук со бендот, а како солист, продуцент и аранжер – повеќе од 40 компакт дискови и над 70 аудио и видео изданија од различен вид.
МИА






