Благоје Спасојевиќ и Владимир Толиќ беа осудени на доживотен затвор, додека Душан Максимовиќ беше осуден на 30 години.
Нападот во Бањска се случи на 24 септември 2023 година. За време на нападот беше убиен Африм Буњаку, косовски полицаец, како и тројца Срби. Одговорноста за овој напад ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српска листа – најголемата партија на Србите на Косово, која има поддршка од Белград.
Тројцата обвинети се дел од група од 45 лица кои беа обвинети околу една година по нападот на северот на Косово. Меѓу нив е и Радоичиќ, кој во обвинението е означен како „водач на терористичка група“.
Судот одлучи да ја одвои кривичната постапка против Спасојевиќ, Толиќ и Максимовиќ, кои се во притвор од септември 2023 година, додека за преостанатите 42 обвинети, го отфрли барањето на Специјалното обвинителство на Косово за судење во отсуство.
Институциите во Брисел редовно бараат од властите во Белград да утврдат одговорност за овој напад и да ги изведат одговорните пред лицето на правдата. Сепак, во Србија сè уште не е поднесено обвинение, и покрај повиците од ЕУ, САД и НАТО, како и ветувањата на претседателот на Србија дека виновниците ќе бидат гонети.
За оружениот напад врз косовската полиција на северот на Косово, дури и по речиси три години, нема обвинение против организаторот Радоичиќ, кој се наоѓа во Белград.
На Радоичиќ сè уште му е забрането да го напушти своето живеалиште и е должен да се јави во полиција, изјавија од Високиот суд за РСЕ, додека Обвинителството молчи за обвинителниот акт.






