понеделник, 27 април 2026

„Допир на Македонија 2026“ во Белград почнува со изложбата на скулптури на Славе Ајтоски

Со самостојната изложба на скулптури „Еруптивни форми“ од Славе Ајтоски вечер во 19 часот во Конакот на кнегињата Љубица ќе биде отвирена јубилејната 15. манифестација Денови на македонската култура во Белград – „Допир на Македонија 2026“.

Објавено на

часот

Сподели

„Скулптурите на истакнатиот вајар Славе Ајтоски се одликуваат со силен, автентичен ликовен израз, истражување на формата, материјалот и просторот, преку кои уметникот гради препознатлив и современ визуелен јазик. Со своето долгогодишно и посветено творештво, Славе Ајтоски се вбројува меѓу значајните вајари кои оставиле траен белег во современата скулптура и јавниот простор. Добитник е на националното признание на Република Србија за 2025 година. Изложбата ќе биде отворена до 15 мај 2026 година“, информира здружението „Македониум“.

Манифестацијата продолжува задутре во 19 часот, во кафе Прес центар (Кнез Михаилова 6), каде пред белградската публика ќе се претстави поетесата Даница Ивановска Лепојевиќ, гостинка од Велес. Нејзиниот книжевен портрет ќе опфати избор од поезија од три објавени збирки, книга со кратки раскази, како и ракопис во подготовка, проследено со разговор за нејзиниот професионален пат и посветената работа со деца и млади преку креативни работилници. Оваа вечер, посочуваат од „Македониум“, ќе биде можност за поблиско запознавање со современата македонска книжевна сцена и живиот збор.

Програмата продолжува во текот на мај и јуни, носејќи разновидни содржини кои го афирмираат културното наследство и современото творештво. На 9 мај  во 11 часот, во Куќата на Ѓура Јакшиќ, ќе се одржи музичко-поетски настан на кој ќе учествуваат талентирани деца и млади. Гудачкиот ансамбл „Версус“, составен од ученици од Музичкото училиште „Коста Манојловиќ“ од Земун, од класата на Ана Илијоска Богиќ, ќе изведе познати македонски мелодии, но и композиции од современи српски композитори и дела од класичната музика. Во поетскиот дел од програмата ќе настапат млади рецитатори, кои ќе интерпретираат стихови од истакнати македонски поети како Константин Миладинов, Ацо Шопов, Кочо Рацин, Блаже Конески, Гане Тодоровски и други, додека најмладата поетеса во Србија, Катја Василев, ќе ги претстави и своите авторски стихови.

Во духот на традицијата и заедништвото, ќе биде организирано и традиционално македонско дружење за заинтересираните во Домот на војската, (9 мај во 13 часот) со резервација за ручек и македонска музика, наменето за сите љубители на добра атмосфера, вкусови и звуци што ги поврзуваат луѓето.

Кон крајот на мај, по повод Денот на словенската писменост, ќе се одржи свечена академија во понеделник, на 25 мај во 19 часот, во Библиотеката на град Белград, каде што ќе биде промовирана книгата Македонски дијалектен атлас на професорката Веселинка Лабровска, со што дополнително се истакнува значењето на културното и духовното наследство што ги поврзува словенските народи.

Како што стои во најавата за манифестацијата, посебен музички настан ја очекува публиката на 2 јуни во 19 часот, кога во Атриумот на Народниот музеј ќе се одржи солистички концерт на младата и талентирана виолинистка Вероника Мона Богиќ. На програмата ќе бидат дела од македонскиот композитор Зографски, со што белградската публика ќе има единствена можност да ужива во врвен интерпретативен уметнички израз и да се запознае со современото музичко творештво на Македонија со фолклорни елементи.

„Годинашниот ‘Допир на Македонија’ уште еднаш ја потврдува својата мисија – преку уметност, збор, музика и средби да го претстави богатството на македонската култура, негувајќи дијалог, разбирање и трајни културни врски со белградската публика“, соопшти здружението „Македониум“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ