„Достоинство – затоа што националниот интерес не се брани со агресивна реторика, туку со јасни позиции, силни аргументи и институционална сериозност. Резултати – затоа што граѓаните со право очекуваат надворешната политика да носи видлива корист: инвестиции, безбедност, работни места, полесно патување и поголем углед во светот. Визија – затоа што државата мора да знае каде сака да биде за пет, десет и дваесет години. Не смееме само да реагираме на туѓи агенди. Мора да имаме сопствена“, истакна Муцунски пред пратениците.
Министерот посочи дека владите и партиските состави се менуваат, но дека државата, граѓаните и националниот интерес останува и затоа надворешната политика мора да биде простор на национално единство, а не арена за партиски поени.
„Повикувам на одговорна дебата и на критика кога е потребна. Но повикувам и на консензус кога се брани државата. Нашата задача е Македонија да биде почитувана, безбедна, економски поврзана и европски интегрирана земја. Земја што не чека другите да ја дефинираат – туку самата ја пишува својата приказна. Земја што ги штити своите граѓани, ги почитува своите обврски и знае да ги брани своите интереси“, рече Муцунски.
Во своето експозе тој истакна дека малите држави како нашата не може да си дозволат луксуз на хаос дома кога настапуваат пред светот.
„Кога нè слушаат во Брисел, во Вашингтон, во Атина или Софија – мораме да говориме со еден глас за најважните прашања. Не за сите. Но за оние оние што ја определуваат судбината на државата немаме луксуз за конфликт“, рече Муцунски.
Периодот 2024 – 2026 година, како што рече, го обележа важна трансформација на нашата дипломатија. Со преземањето на надлежностите за надворешна трговија Министерството доби нова улога – и нова одговорност и денес тоа не е само институција за политичка комуникација со странство, туку, вели, центар за координација на меѓународниот настап на државата: политички, економски, трговски, инвестициски и развоен.
„Затоа што современата дипломатија не се мери со бројот на средби, туку со тоа дали тие средби носат инвестиции, работни места, енергетска сигурност, нови пазари и поголем углед. Дипломатијата мора да отвора врати за македонските компании, да гради партнерства за инфраструктура, да привлекува технологии и да ја позиционира земјата онаму каде што се носат одлуките“, рече Муцунски.

Министерот потенцира дека европската интеграција останува централната оска на нашата надворешна политика, но дека нашиот пристап е јасен: Европската Унија не смее да биде само далечна политичка цел, туку дека таа мора да биде процес што носи конкретни придобивки за граѓаните – уште денес.
„Во изминатиот период водевме интензивен политички дијалог со институциите на ЕУ и со земјите членки. Со јасна цел – да ја објасниме нашата позиција, да ја афирмираме реформската агенда и да побараме фер, предвидлив и меритократски пристап кон нашето пристапување. Нашата порака е принципиелна: сакаме да напредуваме врз основа на резултати, а не врз основа на политички условувања, кои се менуваат од година на година. Сакаме европски критериуми, правила и предвидливост. Тоа не е барање за попуст. Тоа е барање за правда“ – рече Муцунски.
Во тој контекст, посочи тој, завршувањето на клучните документи, патоказите и акцискиот план за малцинства претставува важен чекор кон отворањето на Кластерот 1. Работевме на постепена интеграција во политиките на Унијата, на искористување на планот за раст за Западен Балкан и на приближување кон единствениот пазар.
„Еден конкретен пример: приклучувањето кон СЕПА – Единствената област за плаќање во евра. Можеби звучи технички. Но за граѓаните и компаниите значи поевтини, побрзи и поедноставни трансакции со цела Европа. Тоа е европската интеграција онаква каква треба да биде – не апстрактна фраза, туку реална, опиплива корист“, рече тој.
Особено го истакна партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ.
„По потпишувањето во ноември 2024, во 2025 го одржавме и првиот дијалог за безбедност и одбрана. Тоа е суштински исчекор. Државата повеќе не е само кандидат кој чека. Таа е партнер што придонесува“, рече Муцунски.
Паралелно, како што рече, продолживме со 100 % усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„И не случајно – надворешната политика останува една од највисоко оценетите области во извештаите на Европската комисија. Тоа е признание за нашата геополитичка јасност и за нашата способност да бидеме кредибилен европски партнер“, рече министерот за надворешни работи.
Истовремено, посочи тој, склучивме два значајни договора за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, договор за стратешка соработка со Унгарија, а набргу се очекува склучување ваков договор и со Хрватска. Во однос на договорот со Хрватска, најави дека набргу ќе патува во Загреб на разговори за договорот со нив, како и дека се очекува премиерот на оваа земја да дојде во посета на нашата земја и да биде потпишан овој стратешки договор.
Во однос на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, рече дека средбите со американската администрација, вклучително и со државниот секретар Марко Рубио, ја потврдија заемната определба за реактивирање и продлабочување на стратешкиот дијалог.
„Одржувањето на неговата втора сесија на 7 април 2026 во Вашингтон беше значаен политички момент. Станавме прва европска држава, која реализира ваков дијалог во рамките на мандатот на актуелната администрација. Но уште поважно – отворивме конкретни можности: во енергетиката, инвестициите, дигиталната инфраструктура, кибербезбедноста и трговијата“, рече Муцунски.
Иницијативите за американски течен природен гас, разговорите за критични минерали, соработката во кибербезбедноста, процесите за Global Entry и Visa Waiver – сето ова, нагласи тој, покажува јасна насока дека нашето партнерство со САД не е само политичко, туку тоа е безбедносно, економско и граѓанско партнерство.
Нашето членство во НАТО, потенцира Муцунски, останува еден од столбовите на националната безбедност.
„Ја исполнивме целта од 2 % од БДП за одбрана и поставивме јасна проекција за понатамошно зголемување. Тоа не го правиме затоа што некој ни наредил. Тоа го правиме затоа што безбедноста има цена, а небезбедноста има уште поголема“, рече министерот.

Западен Балкан, нагласи тој, останува регион во кој стабилноста не смее да се зема здраво за готово и нашата позиција во НАТО е важна – за нас, за соседството и за пошироката евро-атлантска безбедност.
Зборувајќи за регионалната соработка, Муцунски рече дека нашите односи со соседите ги градиме врз три принципи: дијалог, почитување и конкретни проекти, дека не бегаме од отворените прашања, но одбиваме да бидеме заробеници на реторика што не носи ништо за граѓаните.
„Со Грција бележиме позитивна динамика во економијата, енергетиката и инфраструктурата. Гасната интерконекција, коридорот 10, нафтоводот Солун – Скопје, граничниот премин Маркова Нога – тоа се проекти што создаваат реални придобивки за реални луѓе“, рече тој.
Со Бугарија, рече Муцунски, односите се предизвикувачки, но нашиот пристап останува конструктивен – и принципиелен.
„Подготвени сме за дијалог во добра верба. Но, исто така должни сме да кажеме јасно: европскиот процес мора да се темели на критериуми, а не на билатерализација. Коридорот 8 и железничкото поврзување се проекти од стратешко значење – не само за нас и за Бугарија, туку за целиот регион, за НАТО и за Европа“, рече министерот за надворешни работи.
Со сите наши партнери, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Романија, Турција и другите, додаде министерот, работиме на продлабочување на политичката, економската и на инфраструктурната соработка.
„Нашата цел е регионот да биде простор на поврзување, а не линија на поделби. Мост кон Европа, а не нејзина периферија“, рече Муцунски.
Во своето експозе пред пратениците министерот рече дека во мултилатералната дипломатија државата ги зајакна и видливоста и кредибилитетот.
„Активно учествуваме во ОН, ОБСЕ, Советот на Европа, Франкофонијата и во другите меѓународни организации. Затворањето на постмониторинг-процедурата во Советот на Европа не е мала работа. Тоа е потврда дека државата напредува – во демократијата, во владеењето на правото, во човековите права и во добрососедските односи. Нашето копретседавање со регионалниот форум за одржлив развој на UNECE во Женева покажа нешто важно: и мала држава може да има видлива улога кога настапува сериозно, подготвено и со јасни приоритети“, рече Муцунски.
Според него, во економската дипломатија направивме важен концепциски пресврт.
„Надворешната трговија, инвестициите, извозот и промоцијата на економските потенцијали повеќе не се споредна тема. Тие се составен дел од секоја сериозна средба. Го промовиравме nearshoring како реална предност – географска близина до ЕУ, конкурентни услови, стабилна макроекономска рамка и работна сила со потенцијал. Работиме и на современа правна рамка за скрининг на странските директни инвестиции, затоа што инвестициите се добредојдени, но националниот интерес мора да биде заштитен. Отвореност – да. Наивност – не“, рече Муцунски.
Истовремено, го прошируваме хоризонтот кон Блискиот Исток, Заливот, Африка, Азија, Австралија и Латинска Америка.
Дијаспората, потенцира министерот, е посебен дел од нашата државна приказна и затоа се подготвува нова стратегија за соработка со дијаспората 2026 – 2030.
„Целта е дијаспората да биде поврзана со развојот на државата преку инвестиции, знаење, мрежи, култура, јазик и поддршка на младите“, рече Муцунски.
Во конзуларното работење фокусот се става на граѓанинот.
„Лекувањето на повредените по пожарот во Кочани, евакуацијата на над 650 наши државјани од кризни региони, проширувањето на конзуларните услуги, дигитализацијата – сè тоа испраќа една порака: дипломатијата не е само протокол. Дипломатијата е служба“, додаде тој.
МНРиМТ работеше и на професионализација на дипломатско-конзуларната мрежа.
„Измените во Законот за надворешните работи, определбата најмалку 50 % од шефовите на мисии да бидат професионални дипломати, продолжувањето на мандатите, подобрувањето на условите за работа – сето тоа е дел од поширока логика. Државата мора да има професионална, мотивирана и модерна дипломатска служба. Дипломатијата не се гради само на импровизација и личен ентузијазам. Таа мора да има систем, институционална меморија, знаење, дисциплина и јасна стратегија“, рече Муцунски.
На седницата на Комисијата за надворешна политика министерот одговара на прашања на пратениците.






