„Проблемот со ваквите конфликти е секогаш ист: не е доволно само да влезете, треба да знаете како да излезете. Го видовме ова на многу болен начин во Авганистан во текот на изминатите 20 години, а го видовме и во Ирак“, изјави Мерц за време на дискусија со средношколци во градот Марсберг на западот на Германија.
Германската новинска агенција ДПА ги пренесува зборовите на канцеларот дека САД „јасно влегле во оваа војна во Иран без никаква стратегија“, додавајќи дека ова го отежнува завршувањето на конфликтот.
Мерц изрази сомнеж дека САД можат брзо да ја завршат војната во Иран „бидејќи Иранците се очигледно посилни од очекуваното, а Американците очигледно немаат навистина убедлива преговарачка стратегија“. „Особено затоа што Иранците се очигледно многу вешти во преговарањето – или, поточно, многу вешти во тоа да не преговараат“, рече канцеларот.
Тој додаде дека „иранското раководство ја понижува целата нација“. Канцеларот, исто така, предупреди дека американската војна во Иран длабоко влијае на економските перформанси на неговата земја. „Ситуацијата е доста непријатна во моментов и нè чини многу пари. Овој конфликт, војната против Иран, директно влијае на нашите економски резултати“, рече тој.
Минатата недела, Германија ја намали својата прогноза за раст за оваа и следната година, директно обвинувајќи ја американско-израелската војна против Иран. Владата на конзервативната коалиција предводена од Мерц сега очекува раст на економијата од само 0,5 проценти годинава, што е пад во однос на претходната прогноза од 1,0 процент. За 2027 година прогнозата исто така е намалена од 1,3 проценти на 0,9 проценти.
На почетокот на месецов, анкета спроведена од весникот „Билд ам Зонтаг“ покажа дека 70 проценти од гласачите се незадоволни од работата на Мерц, додека 21 процент го поддржуваат. Со коалицијата на десниот центар, која ја сочинуваат христијанските демократи и социјалдемократите, незадоволни се 73 проценти од испитаниците, а задоволни се 20 проценти.






