Дека во настаните од 27 април 2017 година не станува збор за тоа, туку за реакција на пучот, кој внатре во Собранието беше извршен со неуставниот и неделовнички избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, се зборувало многу. Но, нема причина уште еднаш да не се осврнеме на тој дел од КЗ.
Ова е тој член:
„Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејство или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години“.
Како што можете да видите, делото има три елементи:
– загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ;
– акт на насилство (овој втор елемент има повеќе делови, но за нас е битен актот на насилство);
– чувство на несигурност или страв кај граѓаните!
За да може некој да биде обвинет и осуден за ова дело, како што се осудени лицата што се во затвор, издржаа затвор или починаа и како што се водеше постапка за наводните организатори на делото од член 313, треба да бидат исполнети сите три елементи. Ако недостига еден од нив, не постои делото.
Ајде да го разгледаме првиот елемент: намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ.
Значи, потребно е да постои посебна намера и таа намера треба да се докаже. Таа е субјективен елемент, без што т.н. битие на делото не е исполнето.
Значи, во конкретниот случај требаше да се докаже дека осудените имале намера да ги загрозат уставниот поредок и безедноста на РМ. Дека влегле во Собранието на РМ со таква намера. Дека имале цел да го сменат поредокот запишан во Уставот или дека сакале да ја загрозат безбедноста на РМ.
Не е потребно посебно право познавање за да се сфати дека никој од оние што влегоа во Собранието на РМ на 27 април ниту, пак, некој од осудените, немал намера да го загрози уставниот поредок. Всушност, самите поставете си го прашањето: Кој дел од Уставот овие лица го загрозија?
Бргу ќе дојдете до одговорот дека, напротив, нивната цел беше обратна: тие немаа намера да го загрозат поредокот, туку сакаа да се зачува уставниот поредок нарушен со изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието. Дали го одобрувате начинот на кој тоа е сторено е друго прашање, но намерата да се загрози уставниот поредок, едноставно, не постои. Со тоа не постои ни првиот елемент од член 313 бидејќи покрај непостоењето намера, не постои ни загрозување на поредокот. Особено што седницата на Собранието беше завршена, Трајко Вељановски ја затвори во 18.01 часот, па оние што беа нападнати не беа нападнати додека извршуваа службена должност како пратеници (како што тоа беше случајот со влегувањето во Капитол хил кога демонстрантите влегоа додека седницата за прогласување на Бајден за претседател траеше), туку, напротив, беа нападнати откога на неделовнички и противуставен начин ја презедоа власта во РМ завладувајќи го законодавниот дом.
Патем, дека со нападот на неколкумина пратеници надвор од нивното работно време не е и не може да биде загрозена безбедноста на РМ, веројатно не треба посебно да се објаснува. РМ, сега РСМ, не е и не може да биде нападната и загрозена доколку без посебна намера за загрозување на безбедноста и уставниот поредок некој нападне пратеници. Инаку, ризикувате да ве осудат за ова дело и ако го опцуете пратеникот или му удрите шлаканица поради кавга на семафор.
Значи, да резимираме за првиот елемент од чл. 313: намерата на осудените не беше да го загрозат уставниот поредок, туку да го зачуваат. Дали е тоа примерен начин, како што реков, е друг муабет, но елементот намера отпаѓа.
Отпаѓа и елементот загрозување на уставниот поредок бидејќи тој на ниеден начин не беше загрозен. Самото влегување на толпа луѓе во Собранието, доколку не е со цел да го преземат законодавниот дом, не е загрозување на поредокот. Тоа не е ни насилство кон некој пратеник бидејќи во тој момент немаше седница, па нападнатите пратеници беа граѓани и тие се тие што го загрозија уставниот поредок на РМ. Записник за т.н. седница, на која е избран Џафери, нема и до денешен ден (ниту може да има зашто Трајко Вељановски ја затвори седницата во 18.01 часот) ниту, пак, има официјално броење на гласовите.
Значи, направено е извртување на она што се случуваше во реалноста. Оние што го загрозија и нарушија уставниот поредок беа седум години власт во државата, а оние што реагираа против загрозувањето на уставниот поредок се или беа во затвор. Некои, како што реков, веќе се и погребани.
Тоа е делото што го направија Кацарска, Рускоска и другите од обвинителско-судската власт, кои учествуваа во ова и на кои ни до ден-денешен не им недостига ниту влакно од главата.
За безбедноста на РМ, реков, не треба да се троши мубает.
Така што, веќе уште на почеток, еден елемент од трите што се потребни за да постои ова дело отпаѓа и делото не постои.
Но, да одиме на вториот елемент: насилство. Не е спорно дека некои пратеници беа нападнати и физички повредени, но тоа го сторија конкретни лица кон конкретни пратеници. Постојат посебни дела што го санкционираат тоа (насилство, учество во толпа, нанесување телесна повреда итн.), но не постоеше насилство со намера да се загрози уставниот поредок или безбедноста. А двата елементи треба да бидат поврзани, што во случајот не е така.
И третиот елеменет: предизвикување чувство на несигурност и страв кај граѓаните.
Како што можете да видите, делото постои ако, покрај загрозување на уставниот поредок или безбедноста, покрај насилството, е предизвикано чувство на несигурност или страв кај граѓаните за разлика од Кацарска и Рускоска, а потоа и Апелацискиот и Врховниот суд, кои велеа дека е предизвикано чувство на несигурност и страв кај пратениците.
Тоа е тотално погрешно, а таа грешка не е направена од незнаење, туку свесно. Целта на оној што врши терористичко загрозување е да предизвика страв не кај тој што го напаѓа (во случајот беа нападнати пратеници), бидејќи кај секој што е нападнат се предизвикува чувство на страв (чувство на страв постои и кога жена оди по неосветлена улица, а не, пак, кај некој што е нападнат – на улица, во кафеана и сл.). Но, ова дело ја казнува ситуацијата кога целта е да се предизвика несигурност кај општата популација, а не кај нападнатите кај кои стравот доаѓа сам по себе. Целта е општата популација да живее во страв не знаејќи кога, каде и како може да биде нападната – од бомба во трговски центар, камион што ќе влета во продавница, самоубиец во преполн маркет или ресторан, киднапиран авион, кој ќе удри во некоја зграда (11 септември 2001 во САД и кулите близначки по што целиот свет влезе во несигурност или со чувство на страв – безбедно ли е човек да се качи во авион?) и слично. Тие дејства предизвикуваат чувство на страв кај граѓаните така како што бара ова дело, а не удирањето некој пратеник, кое нема цел преку тој чин да изврши напад, и врз државата, чиј составен елемент се жителите на таа држава.
„…Се работи за такви облици на напад врз определени добра со кои кај пасивните субјекти се создава чувство на несигурност и страв“, го цитира академик Владо Камбовски, Б. Карановиќ, во својот дамнешен учебник по Кривично право и продолжува: „Токму тоа чувство на несигурност и страв, неизвесност, кога човек не е сигурен за себе, своите блиски на ниедно место (а не во Собранието, туку на улица, во шопинг-мол, во автобус итн. н.з.), кога не знае кога и од каде може да очекува напад, е битна разлика што на актите на насилство им дава својство на тероризам“, вели професорот.
А на 27 април 2017 г. никој во Скопје или во државата немаше никаков страв, ниту чувство на несигурност.
Оттука, токму кај првиот и третиот елемент може да се види како е наместен овој случај спротивно на она што го бара Кривичниот законик. Тие два елементи не постојат кај ниеден од осудените, а вториот кај некои од нив, но недоволно за да бидат осудени по чл. 313 од КЗ.
За жал, требаше да поминат повеќе години за да почне да се зборува за ова поотворено и помасовно, но без практичен ефект.
Во секој случај, осудата за терористичко загрозување и безбедноста на РМ за лицата за „27 април“ е еден од најтемните дамки на правниот систем и во историјата на оваа држава. Оттука, треба расчистување со сите оние што учествуваа во креирањето на процесот и со сите оние што го поддржуваа сето тоа, а знаеја или можеа да знаат дека станува збор за криминален процес.
Дарко Јаневски, МИА






