Во заедничка изјава, организациите предводени од Архус центар и ЦЕЕ Банквоч нетворк изјавија дека владите на Западен Балкан се соочуваат со притисок од САД да развијат нова гасна инфраструктура, вклучувајќи интерконекции, терминали за течен природен гас и електрани на гас, за кои велат дека значително ќе ја зголемат потрошувачката на гас во регионот, ќе ја продлабочат зависноста од увозот и дополнително ќе придонесат за загадувањето.
„Тажно е да се гледа како нашите големи лидери се натпреваруваат кој повеќе ќе му се додвори на Трамп и неговите послушници. Факт е дека изградбата на Јужната интерконекција ќе ја доведе Босна и Херцеговина во позиција на подредена колонија, чија енергетска безбедност и суверенитет ќе зависат од каприците на нашите наводни пријатели“, рече Денис Жишко од Архус центарот во Босна и Херцеговина.
Од организацијата ЦЕЕ Банквоч нетворк исто така предупредија и на економските ризици од ваквите проекти. „Среде уште една криза со фосилни горива, неверојатно е што владите сè уште планираат нови гасоводи и гасни електрани. Тие би чинеле милијарди и би можеле да завршат како потопени средства, додека регионот нема ниту пари ниту време за такви грешки“, рече Пипа Галоп.
Според соопштението, земјите од Западен Балкан се значително помалку зависни од гас во однос на ЕУ. Во Босна и Херцеговина, гасот учествува со помалку од 3 проценти во вкупната потрошувачка на енергија, додека најзависни се Србија (околу 14 проценти) и Македонија (околу 12 проценти).
Јужната гасна интерконекција подразбира изградба на нов гасовод што би ја поврзал Босна и Херцеговина со гасниот систем на Хрватска и би обезбедил пристап до терминалот за течен природен гас на Крк.
На овој начин, би се диверзифицирале правците за снабдување и би се намалила зависноста од рускиот гас.
Проектот вклучува и проширување на гасоводната мрежа во рамките на Федерацијата БиХ, вклучувајќи десетици километри нови цевководи, како и потенцијална изградба на гасни електрани.






