Крсте Црвенковски и понатаму ќе биде предмет на дебати на историчарите и политичките кругови, но загрижува фактот дека голем дел од населението, а особено тие родени после 1990 година не знаат и немаат претстава кој бил и за што се залагал тој. Уште поразочарувачки е фактот што низ целата држава нема улица со неговото име, да не зборуваме за училиште или каков било објект на државните институции. Човекот кој учествувал во востанието од 11 Октомври 1941 во Прилеп, најзаслужен како политичар што се основало МАНУ, Универзитетот Св. Кирил и Методиј, возобновила МПЦ и што уште не, денес во колективната меморија е речиси анонимус, а да не зборувам на какви сѐ личности (некои со сомнителна биографија и дела за македонската кауза) им изградивме споменици.
Големиот Џорџ Орвел напишал „Кој го контролира минатото, ја контролира иднината. Кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото“.
Овој цитат ја нагласува важноста на политиката на колективната меморија и културата на сеќавање – прашања кои се длабоко политички, културни и општествени по својата природа, и затоа бараат внимателно разгледување од страна на научниците, политиката и цивилниот сектор.
Колективната меморија претставува динамичен процес преку кој едно општество ги гради, пренесува и преосмислува своите историски искуства. Во македонскиот контекст, сеќавањата на Народноослободителната борба (НОБ) и на социјалистичкиот период долго време беа темел на националниот идентитет и наратив. Тие не само што ја објаснуваа борбата за државност, туку и создаваа чувство на заедништво и историска праведност. Сепак, со промените по осамостојувањето, овие сеќавања постепено се маргинализираа, а со нив и личностите што имале клучна улога во тој период, меѓу кои и Крсте Црвенковски.
НОБ во Македонија не била само воена борба, туку и процес на политичко и културно освестување. Таа ја постави основата за современата македонска држава, вклучувајќи го признавањето на македонскиот јазик и идентитет. Во социјалистичкиот период, ова наследство беше институционализирано преку образованието, културата и јавниот простор. Споменици, празници и учебници ја одржуваа живата меморија за антифашистичката борба и нејзините идеали.
Но, по распадот на Југославија, се случи пресврт во односот кон ова минато. Новите политички и идеолошки контексти доведоа до преиспитување, па дури и отфрлање на делови од социјалистичкото наследство. Во таа транзиција, колективната меморија стана селективна: одредени аспекти беа нагласени, додека други беа оттурнати во заборав. Овој процес не секогаш беше резултат на критичка анализа, туку често на политички интереси и потребата за нови наративи. Особено е забележлива тенденцијата кај десничарските политички сили, кои често ги игнорираат или минимизираат вредностите и придонесите на политичарите од периодот на СФРЈ, третирајќи го тој период исклучиво низ негативна призма. Таквиот пристап ја поедноставува историјата и ја лишува од нејзината комплексност.
Во таков контекст, ликот и делото на Крсте Црвенковски останаа неоправдано запоставени. Како истакнат политичар и интелектуалец, тој имал значајна улога во обликувањето на македонската политичка мисла во рамките на социјалистичкиот систем. Неговите ставови, често ориентирани кон поголема автономија и афирмација на македонската посебност, сведочат за сложеноста на тогашниот политички живот. Сепак, токму таа сложеност можеби придонесе за неговото маргинализирање во поновите историски интерпретации, каде што нема простор за нијансирани личности кои не се вклопуваат во едноставни идеолошки категории.
Заборавањето на вакви личности не е само неправда кон нив, туку и загуба за општеството. Без целосно разбирање на минатото, тешко може да се изгради зрела и самосвесна иднина. Колективната меморија не треба да биде инструмент на моменталната политика, туку простор за критичко и инклузивно сеќавање. Вклучувањето на различни перспективи, вклучително и оние што биле потиснати, овозможува подлабоко разбирање на историските процеси.
Затоа, потребно е повторно вреднување на НОБ и социјалистичкиот период, не како идеализирани или демонизирани епохи, туку како сложени историски фази. Во таа рамка, личностите како Крсте Црвенкоски треба да добијат соодветно место, и тоа межеби на самиот пиеадестал. Само преку ваков пристап, Македонија може да изгради балансирана колективна меморија која ќе служи како темел за идниот развој.
Д-р Рубин Земон, Центар за напредни истражувања











