Горниот цитат е интелектуална сопственост на еден театарски ударник, оправдано непознат во Северна, да ми извините на израз – Македонија. Никако да дојде на ред во некој медиум поради калабалак од многубројните експерти, аналитичари и… да не кажам што. И составувачите на крстозбори редовно го избегнуваат. Никој не сака да му пцујат мајка. Ние овој цитат го оттргнавме од забите на заборавот за да покажеме во каква ситуација се наоѓаме со децении, без намера да се „вреџаме“.
Феноменот на масовна и хистерична „битлсоманија“ во минатиот век е обична настинка кога ќе се спореди со дијагнозата на денешнава наша фестиваломанија. За разлика од славните „Битлси“, кои достоинствено се повлекоа, денешниве фестивали напаѓаат постојано и од сите страни! Денес, на жител има повеќе фестивали отколку чисти чорапи. И додека во културните држави уште пред многу години фестивалите почнаа да исчезнуваат како оние диносауруси, кај нас се множат со брзина на амбициозни печурки по дожд. Не е далеку денот кога на секоја слободна чистинка, најпрвин ќе се организира некаков фестивал, а дури после околу него ќе се гради населба, град или родно село.
Според една теорија, денешниве интелектуалци се директни потомци на некогашните диносауруси. Зошто тогаш диносаурусите исчезнале, а денешниве нивни роднини сè уште се ашкаат наоколу? За разлика од денес, тогашната кадровска политика била строга, а најмногу пресудила еволуцијата. Претходно ги обрстиле сите прашуми, ливади и саксии, а на крајот дошла сметката. Снемало храна ни за сколовранци, а камоли за такви гурмани. Денешниве интелектуалци се хранат со духовна храна, а неа ја имаме за извоз во цел свет, без контрола на наталитетот.
Според една друга теорија, судбината на диносаурусите симболично ја продолжуваат денешните фестивалосауруси. Ако некогаш видиш празна фотелја, не брзај со мудросерски коментари. Човекот скокнал до тоалет и еве го излиен во фотелјата со класична изјава: „Кога дојдов тука, затекнав катастрофа, ама јас ќе ја оправам работата“. И ја оправа. Првиот ден максимално се дотерува со бели чорапчиња во црни мокасинчиња. Вториот ден организира фестивал, а веќе третиот ден фестивалот е меѓународен!
Ако сретнете човек без ниту една награда, сигурно е странец. Нема Македонец без награда. Македонецот куршум ќе го промаши, ама фестивал или награда никако. Не сум јас ништо подобар. И јас имам неколку фестивалски награди со кои се топорам. Ако си ендемски примерок без ниту една или со малку награди, лесно се решава. Јавно кукаш и лелекаш. Претседателот на државата лично ти ја донесува дома, со некој орден гратис. Познавам двајца што добија толку многу награди, признанија, плакети и пофалници, што после отворија берберници за да ги закачат на ѕидовите. Минатата година имаше 45 (и со зборови: четириесет и пет!) романи за награда. Кога ќе се споредат со нас, Французите Германците и Англичаните испаѓаат неписмени. Ако им е. За разлика од нив, ние во просек имаме од 180 до 250 фестивали. Дали фестивалите се корисни? И медот е корисен. Ама ако изедеш неколку тегли одеднаш, и ти ќе станеш корисен за работници со лопати, земја и темјан.
Финансиската конструкција на фестивалите позната под банкарскиот термин „учкур имам – гаќи немам“ продолжува. На крајот следуваат истите вековни изјави: „И покрај скромните средства и други отежнати услови, ние со голем ентузијазам и самопрегорна работа успешно го завршивме фестивалот“. Фала богу, црвено чергиче секогаш се наоѓа, а уште повеќе упицанети посетител(к)и кои се врцкаат на црвеното, се мисли на чергичето. Тоа се тие, како што научно ги објаснуваат, култни, легендарни и гламулорзни личности. Башка „урбани ликови“
Чест на исклучоците. Но древната народна поговорка „лице пиче продава“ е основната концепција на поголемиот дел од безбројните фестивали. Засилени со бирократска филозофија. Секој бирократ сака работите да се на едно место, наредени како неговите фасцикли. Да бидат преполни со имиња и бројки кои спектакуларно ќе ги објави во пригоден момент. Тогаш ние обичните смртници ќе дознаеме дека сме културно-уметнички многу поразвиени, отколку во истиот период лани. Дали ќе успееме да ги сопреме тие „диносауруси“, тие апсурдни погони со огромни желудници? Зошто не отвориме повеќе здрав простор за човекот и неговото дело, на ниво на нашите потреби, идеали и нашата неспорна талентираност во сите области? Прашај некој друг. Јас само знам дека одамна живееме во времиња кога формата ја јаде содржината.
Сега првпат вистински ќе носталгичарам. Во социјализмот имаше пионерски домови. Игравме шах, пинг-понг, футбал, ни даваа санки и скии за редовните зимски екскурзии. Ние се тркавме со „ролшуи“, а девојчињата учествуваа во натревар за најубава салфетка. Имаше конкурси и за најубава стихотворба и литературен состав. Ни прожектираа и цртани филмови со најубавите бајки… Знам, тоа не може да се врати и не мора. Ама мора, наместо бетонски илјадакатници, да изградите простор за младите. За да ја вежбаат својата дарба во музика, сликарство, спорт, шах и многу други области. Во старо време децата имаа почит кон наставниците. Денес наставниците се плашат од децата. А јас се плашам од фестивалите.
Преку лето, кога температурата е плус 45 степени во сенка, одам да се разладам на езеро, планина или река. И таман да се олабавам и шлапкам во водата, на секое ќоше од заседа ме напаѓа некаков фестивал. Со понуда на некое уметничко дело или, боже ме прости, перформанс. Се осеќам како пензиониран слаткар кому му нудат еклери, тулумби и боза. Без навреда, ама не можам целиот живот да го поарчам на фестивали.
И јас имам душа, иако на прв поглед не изгледа така.
Братислав Димитров












