петок, 17 април 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Надвор од воениот наратив: Односите преку Тајванскиот теснец на крстопат

Во овие турбулентни времиња, кога глобалното внимание е насочено кон конфликтните жаришта во Западна Азија — вклучувајќи ги Иран, Либан, Палестина и Персискиот Залив — лесно се занемаруваат позитивни случувања на други места. Сепак, токму во такви моменти се појавуваат настани кои укажуваат на можност за значајни промени кон стабилност и мир.

Еден таков значаен настан беше неодамнешната посета на кинеското копно од страна на Ченг Ли-вун, новата претседателка на Куоминтанг (KMT), најголемата опозициска партија во Тајван. Нејзината најважна средба, онаа со претседателот на Кинаа Си Џинпинг, се одржа на 10 април, во рамки на посетата што траеше од 7 до 12 април. Ова претставуваше само втора ваква на високо ниво средба на лидер на оваа историски значајна партија во повеќе од една деценија, што ја нагласува трајната важност на дијалогот преку Тајванскиот теснец.

Многу земји, меѓу кои и Македонија, не ја разбираат целосно сложеноста и длабочината на кинеската историја, особено во однос на прашањето за Тајван. Парадоксално, ова недоволно разбирање не ги спречило некои политичари, водени од незнаење или краткорочни интереси, да се впуштат во ризични геополитички позиционирања. Иако детална историска анализа е надвор од опсегот на овој текст, важно е да се потсети дека КМТ доследно го застапува ставот дека Тајван е дел од пошироката кинеска нација и ги поддржува политичките основи за дијалог преку теснецот, вклучително и принципот „Една Кина“ и Консензусот од 1992 година. Од историска перспектива, овој став се потпира и на клучни меѓународни документи како Каирската декларација, во која сојузничките сили наведуваат дека териториите одземени од Кина, вклучително и Тајван, по Втората светска војна треба да ѝ бидат вратени на Кина. Иако интерпретациите и политичките наративи со текот на времето се развивале, ваквите документи и понатаму се повикуваат во дискусиите за правниот и историски контекст на прашањето за Тајван.

Ова е во директна спротивност со владејачката Демократска прогресивна партија (ДПП), која промовира изразена „суверенистичка ориентација“ и во голема мера се потпира на надворешни партнерства, особено со САД (но и НАТО, Израел), настојувајќи на поблиско усогласување со пошироки геополитички рамки. Во однос на овие прашања, сепак, се забележува растечки јаз меѓу безбедносните наративи водени од политичките елити и секојдневните социо-економски грижи на населението, што делумно ги објаснува и видливите флуктуации во политичката поддршка.

Вреди да се нагласи контрастот меѓу неодамнешните гестови на дијалог и траекторијата на растечки тензии. Додека КМТ ја потврдува својата посветеност на ангажман преку теснецот, актуелната политичка насока придонесе за влошување на односите, што се одразува преку намалена комуникација и зголемени воени сигнализации. Овие случувања ги илустрираат реалните трошоци од изборот на конфронтација наместо консултација. Во овој контекст, обновувањето на заедничка политичка основа за дијалог останува широко препознаено како предуслов за долгорочна стабилност.

Неодамнешната средба меѓу Ченг Ли-вун и Си Џинпинг испрати порака дека мирот останува изводлива и посакувана опција во односите преку теснецот. Оваа слика е во остар контраст со наративите што често се промовираат во западните медиуми и нивните придружни актери, кои долги години инсистираат на претставување на Кина како подготвена за воена акција против Тајван. Иако средбата не доминираше во глобалните вести (разбирливо засенета од политичките случувања и непредвидливоста на американскиот претседател без стратегија и визија), нејзиното значење не може да се потцени. Со децении Вашингтон го врамува прашањето за Тајван како безбедносна дилема, задржувајќи го како стратешка карта во пошироката политика на ограничување на Кина. Останува да видиме дали и како оваа посета ќе се одрази на билатералната средба меѓу претседателот Си и претседателот Трамп во средината на мај во Пекинг.

Аналитичарите на регионот се согласуваат дека властите во Тајван дозволиле нивната безбедносна политика во голема мера да биде под влијание на САД, претворајќи го островот во „бодликаво прасе“ (или еж), или попрецизно, во фронтална воена позиција вооружена кон кинеското копно. Оваа трансформација служи на американските стратешки цели за ограничување на она што го смета за главен ривал. Како што е веќе истакнато, тековната милитаризација на островот, вклучително и големи набавки на оружје оправдани како „одвраќање“, претставува значителен товар за тајванските граѓани. Во исто време, Вашингтон врши притисок врз Тајпеј да ги зголеми воените трошоци до нивоа кои тешко се одржуваат, третирајќи го регионот како де факто сојузник (или дури и колонијална структура) во својата индо-пацифичка стратегија. Токму во овој тензичен геополитички контекст (и кризата поврзана со еден друг теснец) посетата на Ченг Ли-вун доби на дополнително значење, но и меѓународна промоција за еден поинаков вид на гледање на нештата од Таипеи.

За оние кои помалку ја познаваат политичката состојба на островот, вреди да се истакнат неколку факти. Актуелната политичка структура претставува форма на кохабитација, со претседател од ДПП и парламент во кој КМТ го има најголемиот блок. Помалата партија често ја игра улогата на „kingmaker“, влијаејќи врз клучни законодавни одлуки. Со влошување на социо-економските услови и растечко незадоволство поради зголемените воени трошоци, администрацијата на ДПП под водство на Лаи Чинг се соочува со видливо опаѓање на довербата. Се засилуваат повиците за импичмент и одговорност, па дури и за предвремени избори. Вистината е дека во пракса, ДПП владее како малцинска влада, додека КМТ, како најголема парламентарна сила, задржува значителна моќ да ја контролира политичката агенда, но честопати е ограничена од најмалата партија која служи како јазиче на политичката вага.

Ченг Ли-вун ја презеде лидерската позиција во период кога на партијата се гледаше како на генонтократија (доминација на луѓе/мажи од постарите генерации) и сѐ уште ја консолидира партиската поддршка. Но, многу поважно е што покажува јасна политичка артикулација на она што го има за цел. Таа зрачи со стаменост, говори страствено и самоуверено, покажува подготвеност директно да се соочи со реалноста без ракавици, нудејќи конструктивни решенија. Многу набљудувачи ја гледаат како клучна, па и водечка фигура во идниот развој на островот.

Особено значајно е што таа направи јасни паралели меѓу ситуацијата во Украина и ризиците со кои се соочува Тајван. Таа истакна дека САД на Тајван гледаат претежно како на прокси во нивната конфронтација со Кина и дека огромната човечка цена од украинскиот конфликт треба да послужи како предупредување за тајванските граѓани. Овие ставови се среќаваат на многу различни места ширум светот, особено во региони кои стравуваат дека можат реално да бидат искористени како пион во геополитички игри на САД (Грузија е само еден пример). Оваа перспектива добива дополнителна тежина со оглед на тоа што американскиот претседател Доналд Трамп не се двоумеше да примени економски притисоци, вклучително и повисоки тарифи и обиди за влијание врз клучни индустрии како TSMC (најголемиот производител на полупроводници во светот, кој учествува со околу 10–20% во БДП на Тајван), истовремено барајќи зголемување на воениот буџет (како во НАТО земјите, на 5 отсто од БДП).

Со години западните медиуми и тинк-тенкови предвидуваат неизбежен конфликт во Тајванскиот теснец, при што некои американски генерали уште во 2023 година предвидуваа војна до 2025 година — предвидување кое не се оствари. Ваквите прогнози потоа се поместуваат кон нови датуми, како 2027 година, што ја открива нивната шпекулативна природа. Наспроти тоа, пораките од новиот бран дијалог преку Теснецот, кои нагласуваат заеднички културен идентитет, историско помирување и можност за мирен соживот и евентуално обединување, создаваат непријатност кај застапниците на конфронтација и кај воено-индустрискиот комплекс на САД.

Војната не е судбина ниту предетерминирана траекторија (иако може да биде надворешно предизвикана). Но, кинескиот народ од двете страни на теснецот дели историски врски, култура, семејни врски, јазик и заедничко искуство, кои продолжуваат да ги обликуваат нивните перспективи. Постои и постепена, но забележлива тенденција кон преиспитување на надворешните зависности и стратешките избори во еден многу турбулентен свет. Доколку трендот на дијалог и ангажман продолжи, таканареченото „тајванско прашање“ (кое де факто и де јуре не постои како отворено прашање, бидејќи е регулирано во согласност со меѓународното право и билатералните договори САД–Кина) сè повеќе ќе се врамува не како безбедносна закана, туку како прашање на долгорочна стабилност, социо-економски развој, културна соработка и мирна интеграција.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Љубомир Николовски

Незаборавни НБА Плејоф приказни

Катерина Климоска

Универзитетот и демократијата, новиот предлог ЗВО, меѓу автономија и контрола

Зоран Ќосески

Грчко-австралиски бројки: Перцепција наспроти реалност

Ристо Цицонков

Енергетиката како шанса за странски инвестиции (2)

Билјана Ванковска

Унгарија: Избори без избор

Јове Кекеновски

Ретроградната Бугарија и заглушувачката тишина на Европа

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ