Својот став за понатамошни санкции против Русија Бланар им го изнел на членови на парламентарниот Комитет за европски прашања. Тој истакна дека Словачка бара „јасна, транспарентна и проверлива изјава“ за повторно воспоставување на работата на нафтоводот „Дружба“. Претходно, претставници на словачката влада изјавија дека ќе ги поддржат санкциите против Русија под услов тие да не им наштетат на интересите на Словачка.
Сепак, Бланар појасни дека ставот за блокирање на санкциите не е поврзан со заемот за Украина. Министерот го истакна и ставот на идната унгарска влада, која објави дека е подготвена да поддржи доделувањето на заемот на Украина од страна на ЕУ.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека нафтоводот „Дружба“, кој наводно бил оштетен во руски напад, би можел повторно да биде оперативен до крајот на април. Во меѓувреме Европската комисија очекува првата транша од заемот од 90 милијарди евра за Украина да биде исплатена во вториот квартал од 2026 година.
По поразот на партијата на сегашниот унгарски премиер на изборите на 12 април, ЕУ се надева дека и заемот и 20-тиот пакет санкции против Русија ќе бидат брзо одобрени. Европската комисија предложи да се доделат 45 милијарди евра за Украина во 2026 година.
Од таа сума, 16,7 милијарди евра би биле наменети за украинскиот државен буџет, а 28,3 милијарди за поддршка на оружените сили, одбранбениот сектор и производството на оружје. Исто така, беше објавено дека првата транша од воената помош од заемот ќе биде искористена за набавка на дронови од украинско производство.






