вторник, 14 април 2026
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Енергетиката како шанса за странски инвестиции (2)

За бомбастична изјава на премиерот: 400 милијарди долари годишно во регионот за инвестиции во производство на електрична енергија.

Термоелектраните на јаглен во Западен Балкан во блиска иднина ќе престанат да работат бидејќи се многу стари и/или резервите со јаглен се при крај. Уште повеќе, ЕУ врши притисок за нивно затворање заради климатските цели за намалување на емисиите на СО2. На пример, од јануари 2026 почна да важи обврската за воведување на јаглероден данок и во земјите од Западен Балкан. Ако термоелектраните на јаглен се отстранат од употреба, земјите од Западен Балкан (освен Албанија) ќе останат со мало сопствено базно производство, што значи ќе мораат да купуваат електрична енергија на отворен пазар, најчесто од увоз.

Од друга страна, во последниве неколку години има голем бран на инвестиции во ОИЕ, најчесто во фотонапонски централи (од сонце) и дел во ветерни електроцентрали. На пример, во РМ за 2026 година се одобрени 59 фотонапонски електроцентрали и 7 ветерни електроцентрали со вкупна моќност од 4.417 MW, а вкупната проценета вредност на инвестициите е 3.735.000.000 евра. На ова треба да се додадат и инвестиции во самостојни батериски системи во вредност од околу две милијарди евра. Сите овие проекти се на приватни инвеститори кои ќе ја продаваат електричната енергија на отворен пазар. Исто така, неповолен е фактот дека кога нема сонце и ветер, нема производство, а дата-центрите работат непрекинато 24/7.

Ако се земат предвид претходно опишаните факти за електроенергетските системи во земјите во регионот, може да се заклучи дека состојбата е прилично неповолна и сложена, особено во блиска иднина кога треба да се затворат термоелектраните на јаглен. Државите ќе имаат голем недостиг на базна електрична енергија. Но заради големиот бран на инвестиции во ОИЕ, на моменти ќе има вишоци на електрична енергија што не може да се искористат.

Како можна опција може да се разгледа изградба на нови гасни термоцентрали кои може да се изградат во релативно краток период од 4 до 5 години. Но дали има доволно гас што може да се донесе со сегашната гасоводна мрежа? А и цената на гасот е предмет за дискусија бидејќи во сложени геополитички случувања може да биде многу висока. На пример, така е овие неколку недели. Друго, државата треба да гради со свои финансиски средства. Ако гасната централа ја гради приватен инвеститор, сопственикот ќе ја продава електричната енергија на отворен пазар со цена за поголем профит. Таков пример имаме во Скопје, тоа е „Те-То“ изграден и работи од 2012 година. Уште еден неповолен аспект за гасна централа е фактот дека природниот гас е фосилно гориво така што при неговото согорување се ослободува СО2. Бидејќи во план е постигнување на нула емисии на стакленички гасови до 2050 година, термоцентрали со ова гориво најверојатно нема да работат по таа година. Во енергетските кругови се разгледува можноста во овие термоцентрали природниот гас подоцна да се замени со водород, но тука има една голема дилема, а тоа високата цена на овој гас што се произведува во електролизери. Можеби во иднина производството на водород ќе биде поефтино бидејќи ќе може да се користи евтина ел. енергија во периодите кога има вишоци од фотонапонските панели. Во таков случај технологијата со производство на водород ќе биде еден вид складирање на електрична енергија добиена од сонце и ветер.

Друга можност за производство на електрична енергија е изградба на нови хидроцентрали. На пример во РМ тоа се ХЕЦ Чебрен, Галиште и Бошков мост кои се предвидени во плановите од пред неколку децении. Но тие едвај ќе го покријат недостигот по отстранувањето на термоелектраните во РЕК Битола. Постои и хидропотенцијал во проектот Вардарска долина, но изгледа дека државата значително ќе го редуцира бидејќи планира да гради брза пруга по течението на реката Вардар. Мислам дека тука треба поинтегрален пристап на проектот Вардарска долина бидејќи се работи за големо и стабилно производство на „зелена“ електрична  енергија, поголема енергетска сигурност на РМ, а дополнителни придобивки се: подобро водоснабдување и наводнување на земјоделските површини во огромен регион, а од порано постои и студија за овој проект.

Во јавноста неколку експерти предлагаат и пумпно-акумулациони централи користејќи вдлабнатини меѓу брда и планини, а ги има доста во РМ. Со оглед на масовната изградба на соларни и ветерни централи, во одредени периоди во деновите ќе има вишоци на произведена електрична  енергија што ќе може да се складираат во вакви хидро акумулации.

Како и многу пати во минатото и сега ќе нагласам дека хидроцентралите во РМ треба да бидат во државна сопственост најмалку 51%.

Како можна опција за инвестиции во производството на електрична енергија е изградба на нуклеарни електрани. По катастрофите во Чернобил (1986 г.) и Фукушима (2011 г.) некои земји воведоа забрана за изградба на нови, а други решија постепено да ги отстранат веќе изградените. Но денес работите многу се променија главно од три причини: 1) Нема емисии на стакленички гасови кај нуклеарните реактори; 2) Производството на електрична енергија е стабилно 24 часа на ден за разлика од ОИЕ; 3) Огромната потреба од ел. енергија, особено за дата-центрите.

Вообичаено нуклеарните електрани се градеа со капацитет од околу 1.000 MW и поголеми, но денес има интензивен развој на релативно мали нуклеарни електрани од 300 MW и помали. Некои од големите технолошки компании планираат да изградат нуклеарна електрана во близина на дата-центарот. Треба да се спомне тука проблемот со нуклеарниот (радиоактивен) отпад кој е многу штетен за здравјето на луѓето и има трајност од стотици години. Од таа причина, еколошките организации се против користењето на нуклеарната енергија. Се разбира, постои веројатност и од нуклеарни хаварии, а тогаш настанува голема катастрофа.

Во земјите од Западен Балкан нема ниту една нуклеарна електрана. Познато е уште од поранешна Југославија дека постои Институтот за нуклеарни науки “Винча“ (Србија) каде што има солиден стручен кадар.

Јас лично немам детални сознанија за потенцијалите и плановите во енергетскиот сектор во другите земји од Западен Балкан. Но во секој случај треба да се пристапи детално кон предлог иницијативата на премиерот. Се работи за голем сложен проект вреден многу милијарди евра од што бенефит ќе имаат сите земји од регионот. Се надевам дека учеството на премиерот на собирот во Подгорица во јуни ќе има позитивен резултат на неговата предлог иницијатива.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Унгарија: Избори без избор

Јове Кекеновски

Ретроградната Бугарија и заглушувачката тишина на Европа

Џефри Сакс

Ставање крај на израелската војна против мирот

Александар Иванов

Воен рок како школа за државност, а средното полициско – погрешен...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ