Посетата на Санчез доаѓа во време кога многу западни влади се обидуваат да ги одржат врските со Пекинг и покрај постојаните безбедносни и трговски тензии, додека расте немирот поради политиките на клучниот сојузник, американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ројтерс.
„Во денешниот свет владее хаос, а меѓународниот поредок се распаѓа“, рече Си, додавајќи дека подлабоките врски се во интерес и на Кина и на Шпанија. Тој повика на посилна комуникација и доверба за „поддржување на владеењето на правото, заедничка одбрана на вистинскиот мултилатерализам и заштита на глобалниот мир и развој“.
Санчез рече дека меѓународното право „постојано се поткопува“ и повика на поблиски врски за промовирање на мирот и просперитетот. „Ова е попотребно денес од кога било и за да можеме заедно да создадеме уште посилна врска меѓу Кина и Европската Унија“, рече Санчез.
Санчез, кој е последен во низата негови колеги од Велика Британија, Канада, Финска и Ирска што ја посетија Кина оваа година, ја повика втората по големина економија во светот да преземе поголема улога во решавањето на овие прашања. Тие се движат од климатските промени до безбедноста, одбраната и борбата против нееднаквоста, рече тој вчера.
Тој ја повика Европа да ги удвои своите напори бидејќи САД одлучија да се повлечат од многу од овие области. Шпанија е една од најгласните европски застапнички за проширување на трговијата и третирање на Кина како стратешки партнер, а не како економски и геополитички ривал, каква што ја гледа Трамп.






