понеделник, 27 јули 2026
Братислав Димитров

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Мајкл Џексон, човек или метафора?

Овој текст го напишав пред 136 години, а сега ќе го довршам. Причината е едноставна и сурова. Денес е многу повеќе актуелен од тогаш. Денес живееме во глобална перверзија. Приватното стана јавно, а јавното приватно.

Порано крадците од маало крадеа кокошки. Денес крадците од власт крадат маало. Секогаш ќе има самотија за тие што ја заслужиле. И секогаш ќе има луѓе кои не заслужуваат ни казна, затоа што таа ќе потврди дека се живи. Ова е светска приказна со локално значење. Ова е комедија која има само една маана. Воопшто не е смешна. Како почнува? Само што почна.

Нашиот маалски филозоф Мане Кант еден ден престана да се жени. После петтиот брак со глас на дождовна глиста тажно изјави: „Ракија во шише и жена во кујна најмирни се“. Оваа древна (и проверена!) македонска народна поговорка никогаш не стигна до американското национално богатство познато под името Шерон Стоун. И затоа се случи тоа што се случи. Во едно интервју планетарната ѕвезда призна дека е осамена! После оваа спектакуларна исповед, во редовите на обичните смртници настана голема паника. Ако Шерон Стоун (богата, славна, убава и со највисок коефициент на интелигенција во Холивуд) е осамена, тогаш што да кажеме ние? Најдобро е да се обесиме на првата бандера, да се фрлиме од Камениот Мост или да одиме во… се знае каде.

После се покажа дека големата секирација е последица на лажната тревога предизвикана од погрешно разбраната порака. Шерон Стоун е осамена само заради една единствена причина. А тоа е фактот дека токму таа е Шерон Стоун. Несреќниците од графата „останати“, ќе мора да си бидат осамени на сопствен трошок. Не за друго, понекогаш споредбите на „југо корал“ со „ролс-ројс“ знаат да испаднат неинтелигентни. Барем што се однесува до ламелата и карбураторот.

Од друга страна, кога ќе се спореди со Мајкл Џексон, Шерон Стоун испаѓа прилично друштвена особа. Споредувањето на Мајкл Џексон со другите е губење време. Тој може да се споредува само со себе. Многумина тврдат дека не е од оваа планета. Тоа порцеланско лице беше под сомнеж заради чести средби со некое 12-годишно дете. Тогаш имаше 44 години, а изјави дека има четири. Тој никогаш не ја населил својата личност. Затоа свесно ја земал улогата на Петар Пан. Додека седи сам со своите играчки во златниот кафез (раскошниот замок „Дизниленд“) се погледнува во огледалото. Таму гледа човек што доживеал скоро сè, многу млад. Што да прави со остатокот од своите години? Ништо. А уште помалку да планира мирна старост. Да си игра со своите внучиња, да оди на риболов или да игра домино. Мане Кант одамна открил: „Совршенството е за боговите, а ладната боза за обичните луѓе“.

Никогаш немал вистински пријател. Во едно интервју ја отвори својата ранета душа: „Луѓето мислат дека ме познаваат, но не ме познаваат. Не, навистина. Всушност, јас сум еден од најосамените луѓе во светот. Понекогаш плачам, затоа што боли. Навистина. Да бидам искрен, претпоставувам дека може да се каже дека боли да се биде јас“.

Какви се шансите на човек што се дружи со Елизабет Тејлор (а не е Ричард Бартон) да остане нормален? Минимални. Скоро теоретски. Мајкл Џексон одамна е мртов. Уште пред својата смрт. Денес секоја утопија има само две фалинки: или не се остварува или за жал се остварува. Една морбидна фотографија на која се гледа како тој го држи своето бебе надвор од прозорецот на еден берлински хотел високо над тротоарот, недвосмислено зборува дека тој одамна се разделил од обичниот живот и ништо не може да го возбуди. Паѓањето од височина на немилосрдниот бетон тој го доживува како слетување на мува.

Милион пати го слушам неговото ремек-дело „Трилер“ и исто толку пати го сожалувам, иако полесно ми е да му завидувам. Кога би можело времето да се врати, сигурен сум дека ќе се откаже од целото свое богатство и слава за да може барем уште еднаш да пее и да се смее со својата семејна група „Џексонс 5“. За жал, смртта (каква и да е) секогаш е побрза од паметот.

А како е кај нас? Уникатно. Кога некој ќе стане богат и славен, народот е осамен. Тоа се тие ликови со кои нивното куче се дружи само под услов ако обесат кременадла околу вратот. Ќе дојде завалијата од нигде и никаде и како во цртан филм одма станува богат и славен. Нашиве прават кариера побрза и поголема од Кларк Гејбл и Џон Траволта заедно, башка Шерон Стоун и Мајкл Џексон. Примери има безброј, ама ние се одлучивме за еден холивудски успех. Човек што беше среќен да си купи тост од сендвичарата на „Чичко Стоилко“, после без грам работно искуство стана премиер. А малку попосле, според своето скромно признание и „средно богат бизнисмен“. Многумина се збогатија толку брзо што ни сопствената биографија не може да ги стигне. Логично. Кога криминалот ќе стане професија, чесноста изгледа како хоби.

Неколку пара чевли искинавме влечкајќи се по митинзи за да ги слушаме неговите патриотски говори во кои Македонија требаше да стане богата и славна. Додуша, одлично почна. Најпрвин од себе. И тука застана. И по сто илјади луѓе му аплаудираа и го извикуваа воодушевено неговото име на многуте спектакуларни митинзи. Сега стана најголем историчар. Ако. Нека се занимава. Осаменоста знае да биде опасна. Се будиш еден ден и сфаќаш дека си станал комшија, сам на себе.

Ова беше приказна за едноставноста која одамна ја нема во нашите животи. А и нас сè помалку нè има во животот.

Ете. Се нашаливме што се нашаливме. Сега не е лошо да удриме и на романтика. Малку да се почестиме. Излегувам на балкон. Денот штотуку ја испушта својата последна воздишка, како ранета срна среде бескрајно поле. Ноќта почнува да ја плете својата црна пајажина по околните ќерамиди, тараби и осамени срца. Едно од нив е и нашето. Се мисли на срцето. Дедо Господ фрла по една рака сребрена ѕвездена прашина врз нашето маало. Токму тогаш ние ја преминуваме улицата и кога ќе стигнеме на другата страна, косата веќе нѝ побелела. После нѝ кажуваат дека сме остареле, но ние знаеме дека имаме само четири години. Денеска е 27 златец (јули) лето Господово, 1956 година. 

Братислав Димитров

КОЛУМНИ

Ицо Најдовски - Перин

Како салфетката на Черчил и Сталин ја запечати трагедијата на Македонците...

Европа – првиот електро-континент

Анита Гибсон

Деновиве пред години…

Џефри Д. Сакс

Украина: Трајната американска прокси-војна против Русија

Слаѓана Велков

Античка Македонија и големата замена на идентитетот

Братислав Димитров

Брижит Бардо во кино „Карпош“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ