Гандето не се занимава со современи национални митови. Тој се враќа директно кон античките извори, од Херодот и Тукидид, до Демостен и Плутарх. Неговата порака е дека Македонците не треба да се толкуваат според политиката на 19 и 20 век, туку низ она што за нив било пишувано додека биле живи. И тука се отвора клучното прашање: кој всушност живеел на овој простор пред воопшто да постои некој грчки град-држава?
Одговорот е едноставен: живееле автохтони народи на Балканот – Пелазги, Бриги, антички Македонци, Пајонци, Тракијци, Илири, Трибали и Дарданци. Нив ретко ги среќаваме во училишните учебници, а тие се вистинскиот, длабок корен на Балканот, постар од сите подоцнежни политички мапи.
Посебно место во оваа предисторија заземаат Пелазгите, кои уште Херодот ги опишува како народ целосно различен од Хелените – и по јазик и по обичаи. Ова е клучен доказ дека Хелените не биле единствени, ниту првобитни носители на културата на југот на Балканот.
Од каде тогаш воопшто дошле Грците?
Античките записи за Данајците и Кадмо јасно водат до заклучокот дека раните Хелени всушност биле доселеници кои својата култура и јазик ги донеле од исток и југ, пред сè од Египет и Феникија.
Ова се допира со тезата на британскиот историчар Мартин Бернал, автор на книгата „Црна Атина“. Бернал тврдеше дека афроазиското потекло на раните Хелени намерно било избришано од европската историја во текот на 18 и 19 век, објаснувајќи го тоа со политичкиот расизам на своето време. На колонијална Европа никако не ѝ одговарал наративот според кој хеленската култура нема чисто европско потекло. Оттука можеме да заклучиме дека, додека на југот се создавал хеленскиот свет под влијание на доселеници од Истокот, Македонците на северот го зачувале изворниот, автохтон балкански континуитет. Тие не биле никаков дел од хеленскиот свет, туку самостоен народ кој на овој простор живеел пред нив.
Самите антички писатели никогаш не ги третираат Македонците и Хелените како ист народ. Современата историја често прави кардинална грешка кога политичките сојузи и заедничките војни ги зема како доказ за етничко единство. Државите и тоа како можат привремено да споделуваат исти политички и воени интереси, а притоа да останат целосно различни народи.
Кај Херодот постои јасна дистанца меѓу Македонците и Хелените. Кај Тукидид македонското кралство строго се разликува од хеленските полиси. Кај Демостен во Филипиките разликата е уште поостра: Филип II во Атина не е прикажан како хеленски државник, туку како надворешна опасност за Атина и хеленскиот свет. Логично се поставува прашањето: ако Филип навистина бил Хелен, зошто најпознатиот атински говорник го опишува како странски владетел кој ги загрозува Хелените? Истото го гледаме и кај Аријан, кој во војската на Александар прецизно ги разликува Македонците од Хелените и од останатите сојузници.
Оваа јасна дистанца меѓу двата народа ја потврдува и водечкиот американски историчар и стручњак за античка Македонија, Јуџин Борза, претседател на Здружението на антички историчари, во своето дело „In the Shadow of Olympus: The Emergence of Macedon“ (1990, Princeton University Press). Тој директно докажува дека Хелените и Македонците не биле ист народ, ниту зборувале ист јазик, поради што Хелените во комуникацијата со Македонците морале да користат преведувачи.
Државното единство на империјата не значело и бришење на етничките разлики, што е клучната грешка на модерната историографија, која политичките граници автоматски ги изедначува со идентитетот. Во пронаоѓањето на тој вистински идентитет, клучниот доказ останува јазикот. Додека државите, границите и административните елити се менуваат, народниот говор најдолго ги чува трагите на потеклото и сеќавањето.
Сведоштвото на Курциј Руф за судењето на Филота оди во прилог на тоа. Александар го прашува дали ќе зборува на мајчин, македонски јазик. Филота тоа го одбива, бидејќи присутните Грци и сојузници не би го разбрале. Овој детал е многу важен. Ако Грците не го разбирале македонскиот, тогаш не може да се тврди дека македонскиот бил само обичен грчки дијалект.
Плутарх го бележи изразот „да се зборува на македонски начин“, што докажува дека во антиката постоела свест за посебен јазик. Слично на тоа, лексиконот на Хесихиј издвојува и посебно ги означува македонските зборови, што ја урива тезата дека станува збор за обичен грчки дијалект.
Посебно место овде зазема коине, кој официјалната историја упорно го нарекува грчки јазик. Меѓутоа, тоа е голема измама. Коине всушност бил службен јазик на македонската држава, што најдобро го докажуваат нивните ковани пари. Истиот јазик го наоѓаме испишан на монетите на македонските владетели стотици години пред воопшто да започнат освојувањата. Сè започнало со Александар I, кој владеел уште од 498 година пред нашата ера, што значи дека овие монети биле ковани цели два века пред Александар Македонски. Истиот низ без прекин продолжува преку Пердика II, Архелај I и Филип II.
Тоа јасно потврдува дека не станувало збор за туѓ јазик позајмен од југот, туку за постоечки државен јазик на македонскиот двор, војската и власта, кој дури со ширењето на нивната империја станал службен инструмент за управување со огромен, повеќејазичен простор. Тоа што го користеле други народи не значи дека тој бил нивниот изворен говор, исто како што ширењето на англискиот или шпанскиот јазик низ историјата не го променило етничкиот идентитет на народите што ги прифатиле поради администрација или трговија.
Пред подемот на Македонија, единствен грчки јазичен стандард воопшто не постоел. Грчките полиси биле политички длабоко разединети, а зборувале различни, често меѓусебно тешко разбирливи дијалекти, како атичкиот, јонскиот или дорскиот. Затоа ширењето на коине не може да се набљудува одвоено од подемот на Филип II и Александар Велики. Дури со геополитичкиот подем на македонската држава и нејзините воени освојувања, тој бил наметнат како службен јазик на војската, администрацијата и трговијата, ширејќи се далеку надвор од своите првобитни граници – од Балканот, преку Египет, сè до Персија и Индија. Коине, значи, не било нешто што македонските победници го презеле од поразените Грци, туку изворен инструмент на македонската власт кој станал официјален јазик на целата империја.
Ако коине бил официјален јазик на македонската држава, се поставува клучното прашање: како е можно денес никој да не го памети под тоа име? Одговорот е во подоцнежниот, свесно воден историски инженеринг што се одвивал со векови по падот на македонското царство, кога исчезнале оригиналните документи, а правото на ова наследство го презеле нови политички и црковни центри.
Би било многу нелогично една суперсила, каква што била Македонија, да освои огромен дел од познатиот свет, а за официјален јазик на својата администрација да го земе јазикот на покорените грчки градови. Филип и Александар не вовеле туѓ, туку го стандардизирале сопствениот царски јазик за да управуваат со империјата. Како што Римјаните го ширеле латинскиот, а Британците англискиот, така и Македонците го ширеле својот службен јазик, кој историската политика векови подоцна едноставно го препишала и го прекрстила во грчки.
Клучниот пресврт се случува по падот на македонската власт. Иако македонските династии исчезнале, институциите, библиотеките, архивите и препишувачките школи останале. Со векови подоцна, Источното Римско Царство (Византија) и христијанската Црква го преземаат истиот јазик како темел за црковните книги и државната администрација.
Јазикот, значи, останал ист, но се сменил неговиот формален сопственик. Со тој чин новите политички и духовни елити добиле историска тапија над целокупното античко македонско наследство – над Александар, Аристотел, Птоломеите и целокупната литература од тоа време – само затоа што сето тоа било запишано на јазик кој подоцна бил прогласен за грчки.
Тука се поставува клучното прашање: ако коине навистина бил грчки јазик толку многу векови, како е можно обичните Грци на почетокот на 20 век воопшто да не го разбирале? Ако тоа бил нивниот природен, народен јазик, тој низ генерациите органски би се развивал и би им останал близок. Наместо тоа, политичката и културната елита од Париз, за да создаде мост кон таа далечна антика, околу 1800 година морала да измисли целосно нов, вештачки јазик – катаревуса – кој никогаш не заживеал како говорен јазик. Фактот дека народот во секојдневниот живот не ги разбирал историските и црковните текстови напишани на коине е крунски доказ дека тој јазик никогаш не бил нивниот вистински, изворен говор, туку книжевен и официјален стандард кој подоцна им бил наметнат одозгора.
Од друга страна, на Македонците систематски им се брише историското сеќавање за во иднина да не побараат свои поранешни царски права. За да го обезбедат тоа, Византија и Црквата во средниот век им создале целосно нов идентитет. Низ процесот на христијанизација, народот свесно бил одвоен од своето старо писмо, па преку глаголицата и конечната кирилица официјално бил обликуван нивниот секојдневен народен говор. Со тоа асимилацијата била завршена, а некогашниот царски народ успешно и трајно бил префрлен во нова, словенска културна рамка.
Палењето на многубројните александриски библиотеки и архиви, под раководство на римските освојувачи, а подоцна и на христијанските фанатици по декрет на царот Теодосиј, претставувало целосен историски ресет. Кога ќе исчезнат родословите, државните договори, историите на војните и книгите за потеклото напишани на царскиот коине-јазик, исчезнува и материјалната трага на стариот свет. Затоа мисијата на Кирил и Методиј овде не се гледа како прво описменување, туку како голема геополитичка реформа.
На народот му се дава ново писмо и нов духовен код за трајно да се прекине континуитетот со древната писменост и старата вера. Претходното сеќавање е потиснато, новиот христијански идентитет зацврстен, а народот трајно воведен во словенскиот писмен свет. Истовремено, коине формално им е отстапен на соседите од југот, како нивно ексклузивно историско право.
Така настанува двојна замена. Античкиот македонски царски јазик станува „грчки“ коине, додека Македонците добиваат црковнословенски код како доказ дека наводно „дошле доцна“. Народот останува на својата земја, но неговиот историски корен е сменет, ментално е преместен зад Карпатите. Неговите предци граделе империја, но нивните споменици денес се читаат на јазик кој му е прогласен за туѓ. Неговиот царски јазик е украден и припишан на други, неговото писмо заменето, сеќавањето ресетирано, а нему му е даден словенски идентитет.
На сликата, на македонски јазик и писмо, пишува: „Мајстор Коста от Сер (Егејска Македонија).“
Овој јазик дури подоцна, во 18 и 19 век, политички бил прогласен за ексклузивна грчка сопственост. Со раѓањето на модерната историја, европските сили како Велика Британија, Франција и Германија создале мит за Грција како единствен извор на европската цивилизација. Во тој идеализиран наратив посебната, автохтона Македонија едноставно не се вклопувала. Затоа западните историчари ретроактивно го присвоиле коине, додека Филип, Александар и нивното јазично наследство постепено и плански биле вовлечени во грчката национална рамка.
Со други зборови, сè што било вредно, што било воено успешно и цивилизациски моќно, морало да ѝ се припише на Грција. Македонија во таа игра целосно била избришана како самостоен играч и претворена во само едно споредно поглавје од туѓата историја.
Не ја потценувам античка Грција. Нивната филозофија, уметност и политичка мисла се неспорни. Но проблемот е во тоа што оваа слепа идеализација на Грција секогаш оди рака под рака со целосното бришење на сите други околу неа.
Книгата „The Dark Side of Greek Antiquity“ на Ј. С. Г. Гандето токму го симнува ореолот на совршенството од тој свет, укажувајќи дека атинската демократија била затворен систем, резервиран за мал број привилегирани мажи, изграден врз брутално ропство и целосна обесправеност на жените.
Додека Грците биле свртени исклучиво кон границите на своите градови-држави, а сите други народи ги нарекувале варвари, македонскиот свет функционирал сосема поинаку. Токму затоа, таа грчка изолираност и надменост не можела да биде изворот на империјата на Александар. Идејата за отворена, мултинационална империја која поврзува различни народи, јазици и цивилизации на огромен простор не ја донел грчкиот модел, туку македонскиот принцип на ширење и поврзување.
Во модерното време, кога започнало распаѓањето на Отоманското Царство, оваа приказна за историјата станала сериозно политичко оружје. Александар Македонски брзо престанал да биде само историска личност и бил претворен во симбол околу кој се исцртувале нови државни граници.
На Западот модерна Грција му била потребна како клучен сојузник и брана против руското и словенското влијание на Балканот. Затоа совршено му одговарало на новата држава да ѝ се припише целокупното античко наследство на овој простор – и Филип, и Александар и јазикот коине. Македонците во таа голема политичка игра испаднале само колатерална штета.
По Балканските војни и Букурешкиот мир од 1913 година, историска Македонија била поделена меѓу Грција, Србија и Бугарија. Секоја од овие држави веднаш започнала агресивна асимилација. Грција ги препишувала Македонците во Грци, Бугарија ги присвојувала како Бугари, додека Србија во тој период ги нарекувала Старосрбијанци.
Со други зборови, на Македонците од сите страни им било порачано дека можат да бидат што било, само не она што се. Нивната земја се распарчува, името им се оспорува, јазикот се прогласува за туѓ дијалект, а сопственото сеќавање им се подметнува како измислица.
Со инсистирањето на теоријата за масовно доселување во 6 и 7 век, официјалната југословенска историја го прикажала населението на Балканот како доцни доселеници и му го избришала древниот балкански континуитет.
Денес тој процес на асимилација го достигнува врвот. Македонскиот идентитет тивко, но целосно се брише. Сè погласни се предупредувањата дека е во тек обид за конечна поделба на земјата меѓу бугарските и албанските интереси. За да се спроведе тоа, Бугарија ултимативно бара промена на Уставот и воведување на овие народи како државотворни фактори, со цел Македонија да се претвори во лабава, мултинационална заедница и да се отворат вратите за конечна дезинтеграција на македонскиот идентитет и државната самостојност.
Суштината на овој текст е на Македонците да им се врати правото на сопственото име, јазик и сеќавање – право што им припаѓа со раѓањето, а не со нечија современа политичка дозвола. Македонија не треба да се набљудува како споредно поглавје од грчката историја, туку како простор со сопствено име, корени и наследство. На тоа не укажуваат денешните политички декрети, туку сведоштвата на изворните антички писатели – аргументи што вреди сериозно да се разгледаат. Сакам народите на Балканот да престанат едни во други да гледаат натрапници и ривали во борбата за историско првенство. Кога во ова сложено минато ќе ги препознаеме заедничките корени, полесно ќе се разбереме и себеси и другите.
Слаѓана Велков











