Според измерените количини на дожд на дождомерните места на УХМР, во Куманово се наврнати 14 литри на квадратен метар, во Скопје-Петровец 11, во Струмица 10, а во Скопје-Зајчев Рид -осум литри на квадратен метар.
Во Берово се измерени седум литри на квадратен метар, по четири литри во Крива Паланка, Прилеп, Виница, Крушево и на Попова Шапка, додека по три литри се регистрирани во Претор, Битола, Демир Капија, Кавадарци и Тополчани. Во Гевгелија и Пожаране се измерени по два литри на квадратен метар.
Од УХМР посочуваат дека поради локалниот карактер на атмосферските процеси, количината на воден талог може значително да варира и на одделни места да биде многу поголема од измерената.
За денеска се прогнозира променливо облачно време со сончеви периоди и повремени врнежи од дожд. Наместа ќе има локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а во делови од земјата се очекуваат услови за невреме со појава на град.
Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено и силен ветер со брзина над 60 километри на час. Максималната дневна температура ќе се движи од 26 до 33 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и умерен, повремено засилен северен ветер. Во делови од котлината ќе има повремени врнежи од дожд и услови за локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и ветер, а температурата ќе достигне до 29 степени.





