среда, 22 јули 2026

Еж обоен во боите на омилениот клуб: Измаченото животно едвај преживеало

Четворица мажи се уапсени под сомнение дека предизвикале непотребно страдање на заштитено животно откако еден еж бил обоен во боите на фудбалскиот клуб Лидс Јунајтед!

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Единицата на полицијата на Западен Јоркшир за заштита на дивиот свет и сузбивање на криминалот во руралните подрачја соопшти дека во текот на викендот биле уапсени четворица мажи на возраст од 44, 21, 17 и 15 години поради сомнение дека го прекршиле членот 4 од Законот за благосостојба на животните од 2006 година.

Возрасна женка еж била пронајдена од една жена во нејзиниот дом во Једон, во Лидс, минатиот понеделник, на 13 јули, целосно покриена со жолта и сина боја, пренесе Дејли Меил.

Поради слојот боја, ова бодликаво животно не можело да се свитка во топка, што претставува негов основен начин на одбрана, а имало и сериозни проблеми со дишењето поради испарувањата од бојата.

Организацијата „Прикли Пигс Хеџхог рескју“ од Отли, кај Лидс, презеде грижа за животното, кое мораше внимателно да се трие за да се отстрани масната боја од секое поединечно трнче. Ежот исто така доби лекови против болки.

Сопственичката на засолништето за животни, 51-годишната Дајан Кук, изјави дека без разлика дали случајот е поврзан со фудбал или не, постапките на сторителите биле „апсолутно ужасни“.

Според неа, поради ограничената подвижност, животното немало никаков начин да се одбрани од предаторите и многу лесно можело да биде убиено или, што е можеби уште полошо, полека да угине од глад или неухранетост.

Кук, која го води прифатилиштето од гаража преуредена во простор за згрижување животни, рекла дека бојата била толку „густа и цврста што ги залепила нејзините боцки“.

Љубителката на животни додаде дека бојата била слична на емулзиска боја за ѕидови што се користи за боење или дури и на бојата што се користи за обележување на патиштата. Полицијата соопшти дека сите четворица осомничени се ослободени со кауција додека истрагата продолжува.

Бројот на ежови во Велика Британија се намалува со години, а видот сега е наведен како ранлив на Британската црвена листа на цицачи. Според најновиот извештај за состојбата на популациите на ежови во Велика Британија, нивниот број се намалил за дури 30 проценти во урбаните средини и за 50 проценти во руралните средини од почетокот на овој век.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ