вторник, 21 јули 2026

Роботите ги вкрстуваат тупаниците: Првиот натпревар во борба со хуманоиди се одржа во Кина (ВИДЕО)

Она што до неодамна постоеше само во научнофантастичните филмови сега стана реалност. Во кинескиот град Шенжен се одржа првиот натпревар „Ultimate Robot Knock-out Legend“ – Ултимејт робот нок-аут (УРКЛ), каде во рингот се бореа хуманоидни роботи, кои ја воодушевија публиката со спектакуларни потези.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Снимките од турнирот брзо станаа вирални на социјалните мрежи, а најголемо внимание привлече борбата во која еден робот со силен удар го соборува противникот, кој се обидува да го продолжи натпреварот дури и откако е тешко повреден.

Видеото прикажува робот како го удира противникот во главата, предизвикувајќи противникот да изгуби рамнотежа и да падне на подот.

Иако главата му останала да виси меѓу рамената, а движењата станале неконтролирани, оштетениот робот се обидува да ја продолжи борбата.

По уште еден пад, успеа накратко да се крене, но ненадејните движења го прекинаа кабелот што ги поврзуваше неговите делови. Потоа машината целосно се сруши на подот, додека победничкиот робот го прослави својот триумф со движења слични на оние на спортист.

На првиот УРКЛ натпревар учествуваа 32 екипи од различни делови на светот, сите користејќи го хуманоидниот робот T800, произведен од кинеската компанија ЕнџинАИ.

Организаторите нагласуваат дека целта на овој настан не е само забава, туку и унапредување на роботиката, развој на нов глобален спортски бренд и поттикнување на поширока примена на хуманоидни роботи во индустријата.

Извршниот директор на ЕнџинАИ, Жао Тонгјанг, изјави дека ваквите натпревари треба да придонесат за развој на нови технологии и нивно поврзување со индустријата.

Тој претходно покажа голема доверба во своите производи кога, за време на демонстрација, облече заштитна опрема и дозволи робот Т800 да го удри. Тогаш, еден силен удар со нога го собори на земја.

Натпреварот го привлече вниманието на многу познати личности, вклучувајќи го и актерот и мајстор за боречки вештини Дони Јен.

Тој изјави дека досега видел роботски битки само во научнофантастични филмови, но дека ова е првпат да ги гледа во живо.

Кина долго време ги користи боречките вештини како начин да го покаже напредокот во роботиката. На почетокот на годината, вниманието на јавноста го привлекоа и роботите од компанијата „Унитри“, кои заедно со човечки изведувачи изведуваа сложени кореографии, покажувајќи колку брзо напредуваат можностите на хуманоидните машини.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ