Македонија годинава ќе настапи со досега најбројната делегација на Медитеранските игри, составена од околу 130 учесници. Нашите претставници ќе се натпреваруваат во 19 спортови, што претставува значаен исчекор и уште една потврда за развојот на македонскиот спорт и континуираното присуство на меѓународната спортска сцена.
Особено значајно е што македонската делегација ќе биде претставена и во четири екипни спортови – женската одбојкарска репрезентација, женската ракометна репрезентација, машката фудбалска репрезентација и машката репрезентација во баскет 3х3. Ваквото учество дополнително ја потврдува посветеноста и развојот на македонскиот спорт и претставува силен мотив за сите спортисти кои ќе ја претставуваат државата во Таранто.
Во изминатиот период, спортистите интензивно работат на својата физичка и техничка подготовка, заедно со своите тренери и стручни тимови, со цел да бидат максимално подготвени за настапите што ги очекуваат. Медитеранските игри претставуваат можност за потврда на нивната посветеност, дисциплина и долгогодишна работа, но и за стекнување ново меѓународно искуство и остварување врвни резултати.
Во пресрет на Игрите, фокусот останува на квалитетните подготовки, посветеноста и поддршката за македонските спортисти, кои со гордост ќе ги бранат боите на државата и ќе ги промовираат олимписките вредности, спортскиот дух и фер-плејот на меѓународната спортска сцена.
Македонскиот олимписки комитет и во периодот што следува ќе продолжи редовно да ја информира јавноста за подготовките, составот на делегацијата, распоредот на настапите и најважните моменти поврзани со учеството на македонските спортисти на XX Медитерански игри – Таранто 2026, преку медиумите и социјалните мрежи, каде ќе бидат споделувани актуелни информации, фотографии и содржини поврзани со настапите на македонската делегација.





