Тој истакна дека посетата на Гостивар нема за цел да го политизира прашањето, како што ВМРО-ДПМНЕ сакале да ги обвинат, туку, како што рече, имале за цел да им помогнат на неколку категории граѓани.
„Очигледно е дека се во прашање елементарните човекови права, граѓански права, а тоа е правото на здравје и во тој контекст е и здрава, питка вода“, рече Филипче.
Тој на денешната прес-конференција постави и неколку прашања до институциите, меѓу кои чија е одговорноста за катастрофата со водата за пиење во Гостивар, како и зошто водата не се испитувала секој ден.
„Понатаму, зошто кога се случил наплив на пациенти во болницата не се истражило добро на што се должи тој зголемен број на пациенти во болницата, па уште порано да се реагира. Зошто ништо не се направило од страна на здравствените власти, да се изменаџира прашањето епидемиолошки, да се анализира од каде доаѓаат симптомите, на што тие се должат. И кој сега ја менаџира состојбата кога нема директор на јавното претпријатие“, праша Филипче.
Тој го посочи и проблемот со рестораните во Гостивар, кои во овој период од годината се исполнети поради свадби или други семејни свечености. Праша каква вода користат и смета дека ова е многу важно, бидејќи граѓаните треба да имаат информации дали е исправна техничката вода.
„Зошто е ова битно сега во овој момент? Поради тоа што, ако и сега се користи неисправна вода, се заканува уште поголема опасност, а тоа е труење со храна. Поради тоа што ако храната не се мие и не се третира соодветно има труење со храна. Следно – болеста на нечисти раце, хепатитот А, ако сега повторно се користи неисправна храна, има ризик од нова болест, нова епидемија. Тоа се прашања од јавен карактер, од јавен интерес. Не може здравствените власти, Министерството за здравство, министерот, премиерот да молчат за овие прашања. Треба јавно да ги објават резултатите од контролата и сите параметри на водата, како биле, во кои денови“, вели Филипче.
Лидерот на СДСМ додаде дека човеково право е вистински, навремен пристап до јавни информации.
„Оставени во ваква ситуација, кога овој систем го менаџира само мала група на луѓе околу Христијан Мицкоски, граѓаните се оставени сами на себе да се справуваат со последиците од тој страшен систем“, подвлече Филипче.





