Уште пред да бидат измислени „духовни коучи“, ние ја користевме древната македонска мудрост: „Мечка страв – мене не страв“. Така охрабрен излегов од дома како од енциклопедија и купив основни намирници. Цигари, кафе и алкохол. И таман кога излегов од супермаркетот, во заседа ме начека еден комшија со строга реплика: „Бато, ти не си секогаш со нас!“ Се заколнав дека нема да дискутирам за дневна политика, ама на сила стапи славната кумановска поговорка: „Зарекла се свиња гомна да не једе“. Така почна. Филозофски му одговорив: „Тоа значи дека и вие не сте секогаш со мене“. Завалијата беше во топ форма. Како пратеник пред шалтер за дневници. „Ајде објасни им на сите оние што лепеле плакати и агитирале во кампања на разни демократски избори дека за нив не останала ниту една функција, а!? Ова „а“ звучеше особено убедливо.
Не знам. Никогаш не сум објаснувал. Никогаш не ми објаснувале. Ама барем докажавме една проста вистина. Ние всушност постојано водиме м о н о л о г со другите луѓе. Кога понекогаш ќе се случи да замолчиме, тоа е од тактички причини. Чекаме противничката страна да земе воздух, за да влетаме брзо со нашите вербални пируети. Тој продолжи да ми објаснува, ама јас веќе бев дамка на хоризонтот. После неколку непроспиени попладневни и вистински ноќи, конечно сфатив. Човекот е во право. Во секој од нас притаено клечи некој министер, директор на јавно или кое било друго претпријатие и само чека погоден момент за да избие на површина! Тој момент секогаш доаѓа, ама редовно им се случува на другите.
Следниот ден, наместо дома се вратив во минатото.
Историчарите тврдат дека 1968 година била од светско значење. Таа го променила односот кон авторитетот, улогата на младите во политиката, борбата за човекови права, феминизмот, антивоените движења, современата популарна култура и т.н. Заради тоа 1968 година се споредува со 1789 (Француската револуција) 1917 (Руската револуција) и 1989 (падот на комунизмот) како пресвртница во модерната светска историја. Таа година се случија големи трагедии. Убиени се Мартин Лутер Кинг и Роберт Ф. Кенеди. Истата година Џон Ленон се заљуби во Јоко Оно. Тогаш домашните нѝ забранија да шетаме доцна навечер, особено на младите ергени.
Таа 1968 година за нас имаше три важни настани. Роденденот на другарот маршал Тито, натфрлање на норми на сите работни акции и што е најважно, филмот „И господ ја создаде жената“. Прво што нè збуни беше насловот. Ние и другарот Карл Маркс верувавме дека работата го создала човекот, што значи автоматски и жената. Иако во тоа време во нашето маало имаше опозиционери кои сметаа дека идеалните пропорции на нашата комшика Севда ги создале родителите Цане и Благуна. Дека има и Господ не нѝ беше баш познато, затоа што се согласивме со епохалното откритие на В. И. Ленин дека религијата е опиум за народот. Денес гледаме дека опиум за народот се хероин, кокаин, ЛСД и ливади со тони марихуана која се одгледува „на поверење“.
Кога се појави филмот со Брижитка, уште по првата проекција сите билети беа распродадени. Таков ред пред билетарница немало ни за алва. Единствено штафетата за „малиот Јоже“ држеше рекорд со својата масовност, во сите пори на социјалистичкото општество. Тогаш се појави професијата препродавач, шиткач или тапкарош. Цената за овој филм беше колку за ѕиври, топлинки и каљачи заедно. Ние не жалевме да ја платиме таа проклета цена пошто ни здосадија оние со пунџи, тегет костимчиња закопчани до грло, брошеви на штиркани бели кошули и значки на реверите. Срп и чекан или црвена петокрака, а често и класиците на марксизмот.
Што се раскажува во тој филм? Се раскажува за една младинка (во случајов Брижит Бардо) која без око да ѝ трепне се соблекува угол гола покрај запалениот камин и нашите страсти. И неколку секунди (боже ме прости) си ја покажува „онаа“ работа, па ти сега види! Подоцна дознавме дека режисерот на филмот со чудно име Роже Вадим ѝ станал швалер на госпоѓата Бардо. Тоа предизвика огорченост помеѓу работниците, селаните и чесната интелигенција. Реагираа и фабриките, работните колективи и граѓаните, заради злоупотреба на работното место, кршење на јавниот морал и предизвикување на ниските страсти кај гледачите.
Ако зборуваме искрено, токму ова со ниските страсти нè тераше да го гледаме филмот повеќе од 26 пати. И заради само неколкуте секунди тотална голотиња, невидена во тоа време на филм, а уште помалку во животот. Мотото „ништо пред брак“ не зацрни сите. Тогаш сексот се водеше и под терминот „срамотни работи“. Единствениот и најважен совет на нашите родители, баби и дедовци беше да не претераме со нашите ноќни „активности“ под јорганче. Наводно, од тоа се сушела кичмата. Кога сакавме да се напиеме кафе, нè плашеа дека ќе ни никне опашка на задникот. Сите многу сакавме „срамотни работи“ и кафе, ама никој не сакаше да шета наоколу со исушена кичма и опашка!
Откако подобро ги запозна луѓето, Брижит ги засака животните и се повлече во својата вила во тишина и анонимност. После го пуштија тоа сексот, ама веќе бевме женети со строги сопруги. Нѝ бранат да имаме девојки. Во тогашната наша држава главно мото беше: „Запознај ја својата татковина за да ја сакаш повеќе“. И постојано одевме на екскурзии „низ Југославија“. Во возот или автобусот постојано пеевме патриотски песни. Една од најпознатите беше: „У тунелу усред мрака, сија ѕвезда петокрака“.
Ние како љубители на филмската уметност со Брижит Бардо ја пеевме во нов аранжман: „У тунелу усред мрака, Брижит Бардо на … скака!“
Ете така и на тој начин, во старите времиња ја изгубивме личната и колективната невиност на нашиот традиционален морал. Во меѓувреме се појавија многу „уметници“ и слободно и комотно ги изложија на „тезга“ половите и сите други органи. И така стигнавме во друга крајност. Овој пат „сексуалната револуција“ не зацрни. Возбудата во сексот се сведе на ниво на рутинско пазарење во супермаркет.
Денес нема симпатија, емпатија, солидарност и тајновитост. Единствена возбуда им станаа војните.
Братислав Димитров










