Постои и трет начин, а тоа е премолчено завршување на воените дејствија, воспоставување на студен мир (или примирје) и замрзнување на воениот судир и без експлицитно признавање пораз или договор на т.н. зелена маса, со посредници или без нив. Важно е да се нагласи и дека војните не почнуваат „како гром од ведро небо“: тие се само ескалација на веќе присутни и длабоки контрадикции кои не биле разрешени со мирни средства. Или ако го цитираме Клаузевиц, војната е продолжение на политиката со други насилни средства. Од мировна перспектива, секоја војна е пораз не само на политиката туку и на здравиот разум и цивилизацијата. Но, времето во кое живееме не само што ја нормализира војната (и другите видови насилство), туку човештвото направи „чекор напред“, па се помири или дури и поддржува геноцид. Повелбата на ОН ја забрани војната, но и заканата од војна, но таа е сега замолчена, турната некаде далеку од очите на јавноста, која или следи воени дејствија небаре се спортски настан или ги врти очите да не гледа, не слуша и не говори за злото.
Траењето на украинската војна е веќе подолго од она на Првата светска војна. Фактот што споредбено бројот на жртвите е далеку помал се должи на фактот што на бојното поле се бројат само украинските и руските (односно, ова не е светска војна). Но, тој факт не е никаква утеха за семејствата на загинатите од двете страни. За оваа војна (која започна во 2014, а не во 2022 година) некои умни луѓе веднаш кажаа дека беше најпредвидливата, па затоа и – барем теориски – беше најлесна да се превенира. Откако се симнаа маските, па дури и бившата германска канцеларка Меркел и тогашниот француски претседател Франсоа Оланд признаа дека Минските преговори воопшто и не биле водени и склучени во добра волја, туку биле купување време за Украина да се подготви за отворен судир, јасно е дека недостасувала политичка волја. За воинственоста на властите во Киев се одговорни една плејада личности од американскиот естаблишмент. Прво беа демократите, потоа Трамп (во првиот мандат) продолжи каде што тие застанаа, и така сè до денес. Дури и откако почна т.н. Специјална воена операција од страна на Москва постоеја начини таа да запре, но мирот беше превениран од Борис Џонсон (поточно, Обединетото Кралство и западните сојузници). Западот, задоен со русофобија (или поточно, не страв туку омраза кон сè руско) и со намера да профитира од војна во која други ја плаќаат цената во животи, не поттикна ниту една мировна иницијатива. Уште во првата година Кина се обиде со генерален план во неколку точки да ги доведе двете страни на преговарачка маса, но не успеа. Турските обиди се сведоа само на техничка комуникација околу размена на починатите, но со ограничен успех дури и по тоа прашање: Украина неретко ги остава телата на своите војници во руските ладилници затоа што нема доволно пари или не сака да плати оштета на семејствата, согласно важечкиот закон.
Украина, огромна земја, со голема популација и богата со ресурси, се претвора во воен театар за кој постои сè помалку надеж дека брзо ќе заврши. Војната до последен Украинец, сега дури и отворено водена и прогласена од Западот (видете ги заклучоците од Самитот на НАТО во Анкара, но и изјавите на првите луѓе на европските држави), влегува во фаза на (како што велат познавачите) ескалација по хоризонтална и вертикална оска. Опасноста од нуклеарен судир е реална, иако меинстрим медиуми и нивните експерти почнаа да ја релативизираат преку нормализација на идејата дека „тактичко нуклеарно оружје“ може да ја заврши војната. Јастреби, да бидеме искрени, има на сите страни: на Запад, во Русија, но и во Украина. Како легендарниот филмски лик доктор Стрејнџлав да се мултиплицира, наместо запира. Дури и една микро држава како Македонија, храбро влегува во Коалицијата на подготвените (што накусо се опишува како НАТО минус САД), притоа давајќи сесрдна поддршка за брзиот прием на Украина во ЕУ, дури и ако таа остане заложник на националистичките небулози и уцени на Софија. Човек на моменти се прашува: дали е ова можно? Зарем сите го изгубиле умот?
Велат војната ја променила својата природа по 2022, особено поради разорната моќ на дроновите (кои сега од Украина стасуваат до Сибир, за Москва и да не говориме), но и балистичките ракети. Војната повторно се покажува добра за развојот на воената технологија и правењето огромни профити од страна на воено-индустрискиот комплекс. Мирот е непрофитен. Дури и на политички план. Ричард Саква тоа го кажа на многу јасен начин во една куса реченица (од пошироко одлично интервју): без војна ќе го нема ни Зеленски. А граѓаните никој ништо не ги ни прашува, бидејќи некои елити одлучуваат низ призма на наводна компетентност, задржување на својата „гордост“ или образ, позиција и профит. Повремените истражувања на јавното мислење и на западот и во Украина покажуваат малку поинаква слика. Но, сè зависи од тоа кој ги поставува прашањата и како ги интерпретира. Но, впечатокот е дека обичниот народ не сака смрт (исклучок е Израел, каде неверојатни цифри од преку 80-90 отсто се однесуваат на граѓани кои поддржуваат геноцид или целосно етничко чистење на Палестинците). Генерации родени по 2000-та година не можат себе да се замислат во воена униформна или под војничка дисциплина, напорни физички активности, губење комфор, забава, зависност од мобилни телефони и сл. Истражувањата покажуваат дека на прашањето дали во случај на војна би ја бранеле државата, значаен дел одговара потврдно. Но, кога тоа ќе престане да биде апстрактно и хипотетичко прашање, доаѓа до разлика: младите не се заинтересирани за воен тренинг или регрутација. Всушност, постои јасна дискрепанција помеѓу елитите и граѓаните кои не сакаат ниту трка во вооружување, ниту воена обврска. Веднаш по самитот во Анкара, на една јавна трибина во Лондон (во организација на познатиот Чатам Хаус) ова беше поставено како прашање: како мислите да ги поткрепите вашите заложби за продолжено војување кога тешко допирате до човечкиот фактор? Одговорите беа малку конфузни, малку фразеолошки, но накусо тие се состоеја во тврдењето дека тоа е вистина, но државите членки на НАТО имаат обврска да работат на едукацијата (хмм, каква? Од градинка до универзитет?) и на „отпорноста на општеството“. Оваа последна фраза е модерен начин да се избегне вистинскиот збор за она што се прави со намерно застрашување и ширење омраза, заедно со паралелна милитаризација и прелевање на финансиите од социјалните потреби кон воените. Секој кој ќе се побуни, ризикува да биде етикетиран или како плашливец или како предавник кој не ја сака својата земја, а можеби и работи за туѓа.
Украина е, се разбира, посебен случај како земја директно инволвирана во воена одбрана. Споредбата меѓу националните анкети (јануари-април 2026) и најновата на Галуп (јули 2026) за ставовите кон војната покажуваат преголеми разлики за да тоа биде резултат на некаква нагла промена кај јавноста. Така, на пример, локалните институти (KIIS, Разумков, Rating Group) редовно имаат фокус на отпорот на населението, довербата во армијата, одбивање компромис за Донбас. Но, и покрај очигледната внатрешна намена на овие истражувања, трендот е неумолив: мнозинството до почетокот на 2026 инсистираше на продолжување на отпорот и сметаше дека Русија ќе продолжи со агресијата дури и ако фронтот се „замрзне“. Исто така, се зголемува чувството дека земјата се движи во погрешна насока, но без јасна поддршка за компромис. Тие особено инсистираат на „демократската ориентација“ на граѓаните, односно на стабилната поддршка за ЕУ и НАТО, висока доверба во армијата и волонтерите. Но, резултатите од истражувањето на Галуп покажува дека 66 отсто од граѓаните поддржуваат преговори за завршување на војната. Само 24 отсто се за продолжување на борбите. Трендот е јасен: од 2022 наваму, поддршката за отпор опаѓа, а за преговори расте. Во однос на меѓународна димензија на состојбата, истражувањето покажува и пад на довербата во американското лидерство (само 7 отсто одобрување). Така, може да се заклучи дека локалните анкети ја мерат решителноста и идентитетската ориентација, додека Галуп поставува директно прашање „преговори vs. продолжување на борбените дејствија“, а резултатите го демонстрираат заморот од војната и желбата за практично решение. Политичките импликации се јасни: властите во Киев мораат да балансираат меѓу јавната решителност и растечката желба за компромис. Бранот на протести кој избувна по смената на младиот и популарен министер за одбрана ја отсликува оваа дилема. Оние кои го поддржуваат тврдат дека со него на чело на ресорот Украина постигнала одредена предност во војната (поагресивен удар врз цели во Русија), а притоа тој ја допрел и болната точка на корупцијата во безбедносниот сектор, особено набавките. Оние кои не се за продолжување на војната која веќе остави огромни полиња претворени во гробници се гледаат секојдневно во видео прикази на насилна и брутална „регрутација“ од улиците на украинските градови. Неодамна едно такво видео ја потресе јавноста бидејќи граѓаните од далечниот (од фронтот) Лвов отворено и масовно се спротивставија на „ловците на топовско месо“. Западните сојузници му помагаат на Зеленски со скратување на сите бенефиции на помладите Украинци кои до скоро имаа статус на воени бегалци и се подготвуваат за нивно испраќање назад во земјата.
Во битката на наративи меѓу руската и украинската страна е многу тешко да се дојде до вистинската слика, но медиумите ја вжештуваат таа психолошка војна преку наслови во кои се тврди дека новоиспратените руските војници издржуваат едвај половина час на фронтот. Дека цената што ја плаќа власта во Кремљ е веќе сè понеприфатлива за јавноста не е тајна, но таму не може да стане збор за дезертери бидејќи војската и натаму се пополнува со доброволци кои склучуваат договори со државата (за добри пари, се разбира), а луѓето не се ловат насилно по улици. Бројот на загинати и неподигнати тела на украинските војници зборува дека насловите за краткото траење на руските војници се веројатно претерани. Но, познавачите на состојбите во Русија зборуваат за изразен гнев кон одмерената и внимателна воена стратегија на војската, за која се вели дека се бори со едната рака врзана зад грб, односно со внимателност да не дојде до нуклеарна ескалација дури и кога власта е на работ на јавно понижување. На Русите им е доста од долго војување и освојување на села и гратчиња во огромната украинска територија и бараат побрзо затворање на оваа војна.
Несреќата на оваа војна, како и на секоја друга, станува видлива кога ќе се симне погледот долу на обичните смртници. Низ човечка, но и класна призма станува видлива целата слика на она што старите го кажале многу одамна низ една изрека: „Државата дава топови, богатите – волови, а сиромашните синовите; кога војната ќе заврши, на државата ѝ се враќаат топовите, а на богатите – воловите. На сиромашните им остануваат само гробовите.“ На англиски: “The state gives cannons, the rich give oxen, and the poor give their sons. When the war is over, the state gets its cannons back, the rich get their oxen back, and the poor are left with nothing but graves.” Попластично кажано, на руската страна војуваат оние кои не можат да заработат и живеат подобро, па државната понуда им се чини привлечна. На украинската страна, приказните за необучени и присилно регрутирани млади луѓе се полни со примери за корупција, за пост-трауматски пореметувања кои не влијаат на повторно испраќање на фронтот, како и за бруталното казнување од соборците на секој кој нема да се покаже доволно храбар. Ако дојде до европско-руска војна, нема да биде поинаку. Затоа, секој генерал или политичар кој повикува на „отпорност и едукација на младите“, како и на подготвеност на јавноста да ги жртвува синовите, на ум треба да ја има и оваа невидлива страна на војните.
Билјана Ванковска











