среда, 15 јули 2026
Анита Гибсон

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Украина – жртва на демократијата

Постојат идеали што со текот на времето стануваат толку големи што никој повеќе не се осмелува да ги допре. Толку многу за нив се залагаме, што денес ретко кој се осмелува повторно да им се наврати и ги преиспита.
Демократијата е една од нив.
Некогаш мислев дека најмногу жртви низ историјата однела религијата. Во име на религија се освојувале држави, се воделе војни и се проливале реки од крв.
И најмалку затоа што Бог тоа го барал од нив, туку затоа што верниците во својата заслепеност и ароганција се дрзнуваат да ја преземат улогата на Бог и да ја спроведуват неговата воља.
Денес сè почесто ми се чини дека местото на религијата го зазеде една нова вера.
Демократијата.
Не како слобода на мислата, право на избор, правда и еднаквост пред законот, туку како догма што не смее да се преиспитува.
Како однапред напишан кодекс на „правилно однесување“, во кој се дозволени само препишани избори, одредени сојузништва и селективни вистини. Доколку не ги следиш, не си само политички неистомисленик, туку еретик и неподобен.
Украина можеби е најболниот пример за тоа што се случува кога еден возвишен идеал ќе биде ставен во служба на геополитиката.
Сè започна во името на демократијата, суверенитетот и правото на избор.
На украинскиот народ му беше кажано дека има неотуѓиво право сам да ја избере својата иднина, своите сојузници и своето место во светот. Она што многу поретко му беше кажано е дека големите сили секогаш го поддржуваат правото на избор само додека тој избор се вклопува во нивната геостратегија.
Денес Украина се наоѓа пред можеби последната и најопасна фаза од војната. Еден пат води кон мир, прифаќање на загубените територии и крај на масовното умирање. Другиот води кон уште поголема ескалација, рушење на Киев, дополнителни милионски жртви и уништување на и она малку што сè уште останало од државата.
Во меѓувреме, руските балистички ракети сè полесно ги пробиваат одбранбените линии над Киев. „Патриотите“ молчат, а Зеленски повторно бара нови системи и нови ракети од Западот.
На фронтот, руските сили напредуваат кон последните големи утврдувања во Донбас и Новорусија, украинските линии се под сè поголем притисок, а кризата со човечки ресурси станува очајна.
На улиците сè почести се сцени што тешко се вклопуваат во приказната за слободата и демократијата. Мажи се запираат на пат, се симнуваат од велосипеди, се опкружуваат од регрутни службеници и се туркаат во комбиња за да бидат испратени на фронтот. Семејства врескаат, луѓе се спротивставуваат, толпи напаѓаат полициски возила, а граѓани јавно повикуваат да престане испраќањето на нови млади луѓе во кланицата која го подразбира украинскиот фронт.
Изборите се одложени. Опозициските партии се забранети. Медиумскиот простор е ограничен. Млади момчиња со минимална подготовка се испраќаат во индустриска војна со дронови, артилерија и балистички ракети. Во очите на оние што ја финансираат војната, тие сè помалку личат на граѓани чија слобода треба да се брани, а сè повеќе на ресурс што треба да го одржи фронтот што може подолго.
Во една од најсуровите сцени од последните денови, Русија понудила прекин на огнот за Украина да ги преземе телата на своите загинати војници. Според Рик Санчез: со ,,Њет!“ – одговорил Зеленски, бидејќи прифаќањето на толкав број тела би ја разоткрило вистинската цена на битката и падот на еден од клучните градови.
Токму Санчез ја сумира целата трагедија во една реченица: „Everyone gets paid except the Ukrainian families burying their sons.“
Сите ќе бидат компензирани — освен украинските семејства што ги погребуваат своите синови.
Професорот Џон Миршајмер е уште подиректен: „Ukraine has effectively been wrecked.“
Украина е практично уништена.
Таа веќе изгуби значителен дел од територијата и, според него, веројатно ќе изгуби уште многу повеќе пред да запре војната.
Економијата е разурната, милиони луѓе ја напуштија земјата, демографската катастрофа ќе се чувствува со генерации, а бројот на загинати и ранети се мери во стотици илјади, можеби и повеќе.
Но токму во моментот кога една држава е разурната, ослабена и зависна, започнува највносниот дел од приказната.
Обновата на Украина се проценува на близу 600 милијарди долари во следната деценија. Можеби и многу повеќе. Патишта, мостови, станбени блокови, електрани, железници, телекомуникации, рудници, фабрики за оружје, производство на ракети и целата инфраструктура што војната ја претвори во урнатини.
Сето тоа треба повторно да се изгради.
А таму каде што се работи за стотици милијарди долари, никогаш не изостануваат оние што однапред се позиционираат.
ММФ ќе биде таму. Светската банка ќе биде таму. Американските и европските одбранбени компании ќе бидат таму. Големите градежни конзорциуми, енергетските компании, телекомуникациските корпорации и инвестициските фондови ќе бидат таму.
И, секако, BlackRock.
BlackRock можеби нема да стане најголемиот кредитор на Украина, но може да стане нешто уште поважно: институција што ќе одлучува кој ќе добие пристап до парите за реконструкција, кои проекти ќе бидат финансирани, кој ќе ги гради патиштата и електраните, кој ќе управува со енергетскиот систем и кој ќе профитира од природните ресурси на земјата.
Уште пред војната да го достигне својот крај, BlackRock се сретна со Зеленски, се ракуваше пред камерите и разговараше за идната обнова. Додека на фронтот се копаа нови гробови, во климатизирани сали веќе се подготвуваше архитектурата на повоената Украина.
Јавниот долг на земјата веќе надминува стотици милијарди долари. Дел од него се должи кон ММФ, Светската банка, странски влади и меѓународни финансиски институции. Под украинската земја лежат бакар, железна руда и други стратешки минерали, а над неа остануваат државни претпријатија, енергетски мрежи, земјоделско земјиште и инфраструктура што допрва ќе се преговараат.
По војната, Украина можеби формално ќе остане држава, но нејзината економија ќе биде управувана од кредитори. Нејзините минерали ќе се договараат, државните ресурси ќе се ставаат под приоритет, а политиките ќе се усогласуваат со институциите што го држат долгот.
Така изгледа новиот модел на окупација. Не се испраќаат армии за да се окупира земјата. Доволно е таа прво да биде уништена, потоа да ѝ се позајмат пари за обнова, да ѝ се наплатува камата и постепено да се преземе контролата врз ресурсите, инфраструктурата и економските одлуки.
Во старите војни победниците ја делеа територијата. Во модерните ја делат иднината.
Секако, BlackRock не е единствениот. Тој е само највидливиот симбол на системот. Зад него стојат Vanguard, големите банки, инвестициските фондови, меѓународните кредитори и корпорациите што имаат удели во одбранбената, енергетската, рударската и градежната индустрија.
Истите кругови што најпрвин заработуваат од оружјето утре ќе заработуваат и од обновата. Прво се продаваат ракетите што ја уништуваат инфраструктурата, потоа се финансираат компаниите што ќе ја изградат повторно. Еден ист капитал профитира од двете страни на урнатината.
Оддличен бизнис-модел.
Сите добиваат нешто. Производителите на оружје добиваат договори. Банките добиваат камати. Инвестициските фондови добиваат удели. Корпорациите добиваат пристап до минерали и инфраструктура. Политичарите спроведуваат и бранат „демократија”.
Можеби е време на нејзината дефиниција да ѝ додадеме неколку клаузули.
Првата: демократија не по секоја цена.
Ниту една политичка цел не може да се нарече победа ако зад себе остава стотици илјади мртви, милиони раселени, изгубена територија, уништена економија и земја ставена под хипотека на кредиторите.
Втората: subject to geography — демократија зависна од географијата.
Малите и средните држави никогаш немале иста слобода на движење како големите сили. Може да ги избираат своите желби, но не можат да ги изберат своите соседи, географската положба, историското наследство и интересите што се судираат околу нив. Географијата не е праведна, но е реална. И одлучувачка!
А политиката што ја игнорира реалноста обично ја плаќа народот, не оние што го охрабрувале.
Третата: subject to cultural and mental conditioning — зависно од културната, историската и општествената свест, совест и зрелост.
Ние што своевремено учевме марксизам ќе се сетиме на развојот на материјата, на процесот во кој ништо не може насилно да ја прескокне фазата потребна таа да созрее.
Општествата не се компјутери на кои преку ноќ се инсталира нов систем. Демократијата не се создава со декларација, изборен ден или странски советници. Таа бара институции, образование, економска стабилност, доверба и култура на свест, совест и одговорност што се развива со ВРЕМЕ.
Не е секој народ подготвен за демократија во моментот кога Западот ќе одлучи дека треба да биде подготвен. Не е секоја географија погодна за истиот рецепт. Не е секој историски миг зрел за скок од век или два, не е случајна изреката „you cannot hurry time”!
Времето не може да се забрза…, колку и да денес пробаат да нѐ убедат во спротивното! ВИ или не!
Украина тргна во име на демократијата и правото на избор. На крајот ќе остане неповратно оштетена со преполовена територија, преполовена популација, преполовени ресурси, преполовена иднина и преполовена демократија… , или ете – ниту половина право на избор од оној што го имаше на почетокот на војната!

Aнита Гибсон

КОЛУМНИ

Драган Даниловски

Кoн Здравствен устав

Александра Сабрас Апостолова

За секоја политика за децата со попреченост централната точка е нивниот...

Ристо Цицонков

Климатизација на просториите: да или не? (1)

Александар Стојановски

Сервери во Европа, клучеви во Вашингтон: како континентот ја губи битката...

Билјана Ванковска

„Ние сме во добра состојба“: Европа и опасната илузија на нуклеарната...

Џефри Д. Сакс

250 години САД: Време е за враќање кон мудроста на основачите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ