среда, 15 јули 2026

ОН: Јуни бил најсмртоносниот месец за цивилите во Украина од 2022 година, речиси 1.400 загинати лица од почетокот на годината

Обединетите нации соопштија дека јуни бил најсмртоносниот месец за цивилите во Украина од април 2022 година. Според Мисијата на ОН за мониторинг на човековите права во Украина, речиси 1.400 цивили се убиени од почетокот на 2026 година.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Само во јуни загинале најмалку 293 лица, што е 37 проценти повеќе отколку во истиот месец лани и повеќе од двојно во однос на истиот период во 2024 година.

ОН наведуваат дека зголемувањето на бројот на жртви е последица на сè поинтензивната употреба на тешко оружје во густо населените урбани средини.

Шефицата на мисијата Даниел Бел предупреди дека податоците од јуни „покажуваат алармантен тренд на ескалација со растечки број цивилни жртви, поттикнат од сè поинтензивната употреба на моќно оружје кое е особено смртоносно кога се користи во густо населени урбани области“.

Според извештајот на ОН, голем број жртви се предизвикани од руски ракети со долг дострел што погодиле станбени згради во Днепар, Одеса и Киев.

Организацијата, исто така, наведе дека бројот на цивилни жртви предизвикани од оружје со долг дострел се зголемил за 60 проценти од јануари до јуни во споредба со истиот период во 2025 година. Затоа, украинските власти бараат од европските сојузници дополнителна помош за зајакнување на воздушната одбрана, додека од САД бараат одобрение за производство на пресретнувачки ракети за системот „патриот“.

ОН предупредуваат и дека во областите покрај фронтот најголем број загинати и повредени цивили оваа година предизвикале напади со дронови со краток дострел. Даниел Бел оцени дека ваквите дронови „ја менуваат околината“ за цивилите, кои, како што велат, се чувствуваат како цел дури и додека извршуваат секојдневни активности.

Според податоците собрани од Си-ен-ен од локалните власти, најмалку 240 цивили биле убиени, а 1.904 лица биле повредени во Украина во првата половина на јули. Во еден од најсмртоносните напади, извршен врз Киев на 2 јули, беа убиени најмалку 30 лица, вклучувајќи шест члена на исто семејство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ