Од ГРОМ велат дека се длабоко разочарани од Кривичниот суд Скопје кој го осуди Јакимовски, за како што велат од партијата, затоа што поставил две времени градби (бараки), во кои општината функционираше 13 години.
„Не направи никому штета, туку општината за сите тие години заштеди милион и пол евра кирија доколку користеше простор под закуп и она што е најбитно тој е единствениот случај во Европа кој ќе одлежува ефективна казна затвор за ова измислено кривично дело, за поставување времен објект со одлука на Совет на општина, со потврдена програма за работа од истиот, програма за јавни набавки и обезбедено пари од Буџет на општината. Тој бараките не ги постави за своите деца и своето семејство, туку за граѓаните на Карпош“, велат од ГРОМ.
Оттаму додаваат дека на случајот Стевче Јакимовски судот дефинитивно се потврдил како параполитичка организација, која не и служи на правдата, на законите и на Уставот, туку на политичката партија која е на власт.
„Жално е што во замолкнувањето на нашиот претседател Стевче Јакимовски, покрај Христијан Мицкоски, учествува и правосудниот систем и со ова уште еднаш пред очите на јавноста покажаа дека правдата е селективна, не важи за дивоградбашите кои граделе на државно земјиште за своја сметка без платени комуналии и заработиле милиони, туку во затвор ќе оди најнаградуваниот градоначалник не само во Република Македонија туку и пошироко. Не земајќи ја во предвид неговата здравствена состојба дека тој е онколошки неизлечен пациент, оперативниот зафат извршен пред 12 дена само ја покажува нечовечноста, нехуманоста и флагрантно кршење на човековите права. Не не’ зачудуваат политичките противници и нивната крволочност, но нека им служи на чест на сите оние од правосудниот систем кои оркестрирано во служба на власта учествуваа во замолкнувањето на Стевче Јакимовски“, велат од ГРОМ.
Јакимовски е осуден на една година затвор за бесправно градење. Со оглед на тоа што половина од казната тој ја помина во куќен притвор што се смета како издржување на казната, на Јакимовски му остануваат да одлежи уште половина година затвор.





