Во говорот на церемонијата во Киев по повод Денот на независноста на Украина, Фон дер Лаен рече дека Унијата и Украина мора да ги здружат силите, објави Ројтерс.
„Овој договор ќе ги спои украинската генијалност и европската индустрија“, рече шефицата на Комисијата.
Украина потпиша голем број вакви договори со поединечни земји. Ројтерс потсетува дека на самитот на НАТО минатата недела во Анкара, претседателот Володимир Зеленски потпиша три договори, така што сега се вкупно девет.
Сепак, денешниот договор е првиот што има за цел да ги опфати земјите и компаниите низ цела ЕУ.
Обраќајќи му се на Зеленски, Фон дер Лаен рече дека знаењето што Украина го стекнала за тоа како да користи беспилотни летала и системи против беспилотни летала е „навистина уникатно“.
„Мораме да го искористиме тоа заедно. Бидејќи ги знаеме заканите со кои се соочува Европа… видовме упади и предупредувања во многу членки (на ЕУ)“, додаде претседателката на Европската комисија.
Таа, исто така, рече дека ЕУ би можела да ѝ понуди на Украина предности како што се „огромен технолошки и индустриски капацитет“ и „безбедни производствени локации“.
Украина разви високософистицирана индустрија за дронови, иако имаше само ограничено искуство во секторот кога Русија ја нападна земјата во февруари 2022 година.
Ројтерс наведува дека Зеленски многу патувал за да ги промовира договорите за дронови, особено на Блискиот Исток каде земјите од Персискиот Залив се обидуваат да го искористат украинското знаење за да се спротивстават на иранските напади.





