Затоа секоја мерка што го олеснува пристапот до услуги е важна. Но, истовремено, секоја јавна инвестиција носи и одговорност.
Државата преку различни механизми обезбедува финансирање на социјални услуги преку лиценцирани даватели, меѓу кои можат да бидат и приватни даватели. На тој начин, јавни средства се насочуваат кон услуги што ги обезбедуваат и приватни установи, со цел поголема достапност за лицата со попреченост и нивните семејства. Но, секое користење на јавни средства мора да биде проследено со јасни критериуми за квалитет, стручност, стандарди на работа и следење на резултатите.
Прашањето не е дали услугата се обезбедува во јавен или приватен сектор. Прашањето е дали детето ја добива најсоодветната поддршка според своите индивидуални потреби.
Кога се зборува за третмани за деца со попреченост, не е доволно да се измери само бројот на реализирани средби или обезбедени услуги. Вистинскиот резултат се гледа преку напредокот на детето – развиени вештини, подобрена комуникација, поголема функционалност и подобар квалитет на живот.
Токму затоа е потребна транспарентност. Родителите треба јасно да знаат што опфаќа државно финансираната услуга, кои се критериумите за нејзино обезбедување и како се следи ефектот од вложените средства.
Исто така, важно е јасно да се разликуваат услугите што се финансирани преку јавни средства од оние што претставуваат дополнителни приватни услуги. Јасните правила и контрола се во интерес и на семејствата и на давателите на услуги.
Во услови кога потребите на лицата со попреченост се големи, а ресурсите ограничени, потребна е постојана стручна дебата за тоа како најдобро се распределуваат средствата. Целта не треба да биде само достапност на услуга, туку квалитетна, индивидуализирана и ефективна поддршка.
На крајот, најважното прашање не е колку услуги се обезбедени, туку колку деца навистина добиле можност да напредуваат.
Бидејќи секоја политика за децата со попреченост мора да има една централна точка – најдобриот интерес на детето.
Александра Сабрас Апостолова,
дефектолог









