По пристигнувањето во Киев, Вучиќ на Инстаграм објави снимка од излегувањето од возот и порача дека очекува успешен самит.
„Верувам дека ќе имаме добар самит, ќе си дадеме меѓусебна поддршка на европскиот пат и ќе ја зголемиме билатералната соработка“, објави тој на својот профил.
View this post on Instagram
Вучиќ претходно, по учеството на одбележувањето на францускиот национален празник во Париз, изјави дека патува во Киев на самитот Украина – Југоисточна Европа и дека планира да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Додаде дека средбата „нема да биде едноставна“ поради предложената завршна декларација.
Доаѓањето на Вучиќ во Киев се случува во чувствителен момент за српската надворешна политика, пишува српскиот сервис на Би-би-си. Србија е кандидат за членство во Европската Унија, но заедно со Белорусија е единствената европска држава што не воведе санкции против Русија поради инвазијата врз Украина.
Белград, истовремено, нагласува дека не е против Украина. Вучиќ често истакнува дека Украина не ја признала независноста на Косово, кое во 2008 година прогласи независност, а Србија и натаму не го признава.
Минатата година Вучиќ учествуваше на самитот Украина – Југоисточна Европа во Одеса, но не ја потпиша завршната декларација со која се повикуваше на дополнителна поддршка за Украина и засилување на притисокот врз Москва.
На почетокот на јули Белград го посети претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук, највисокиот украински функционер што ја посетил Србија од почетокот на руската инвазија.
Стефанчук во Белград беше пречекан од претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ. Заедно ја отворија конференцијата на претседателите на парламентите на земјите кандидати за членство во ЕУ, а Стефанчук одделно се сретна и со Вучиќ.
„Денес во Белград сакам јасно да кажам – Србите не се мали Руси“, порача Стефанчук. Тој додаде дека ниту Украинците, Молдавците и Грузијците „не се мали Руси“ и дека, како што рече, еден ден сите ќе станат членки на Европската Унија.
Неколку дена подоцна реагираше портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Таа изјави дека Москва жали поради тоа што Србија не реагирала на, како што ги нарече, антируските изјави на Стефанчук во Белград.
Ова не е првпат Москва да биде незадоволна од потезите на Белград од почетокот на војната во Украина.
Русија претходно ја критикуваше Србија поради извозот на оружје и муниција, за кои руските служби тврдеа дека завршиле кај украинската армија. Захарова го критикуваше Вучиќ и кога најави можност Србија сепак да воведе одредени санкции против Русија.
Србија до денес не воведе санкции.
Од друга страна, Белград од почетокот на руската инвазија гласаше за повеќе резолуции на Обединетите нации со кои се осудува руската агресија, примаше украински бегалци и испраќаше финансиска помош за Украина.
Една од спорните точки во односите меѓу Белград и Киев беа и преговорите за членството на Србија во Светската трговска организација.
Украина е единствената европска држава со која Србија нема потпишано договор за слободна трговија, а тоа е еден од условите за пристапување кон организацијата.
Напредок беше постигнат во мај, кога во Белград пристигна украинскиот вицепремиер Тарас Качка. Претставници на двете влади тогаш потпишаа заедничка изјава за продолжување на преговорите за договор за слободна трговија.
Преговорите траат уште од 2005 година, а беа блокирани поради царините за одделни земјоделски и индустриски производи.
Самитот Украина – Југоисточна Европа беше покренат по почетокот на руската инвазија со цел да се зајакнат врските меѓу Киев и земјите од регионот.
На самитот во Дубровник во 2024 година беше усвоена декларација со која се даде поддршка на територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина и беше осудена руската агресија.
На самитот во Одеса во 2025 година беше усвоена декларација со која се повикуваше на дополнителни санкции против Москва, но Вучиќ не го потпиша тој документ.
Денешната средба во Киев се одржува истиот ден кога таму пристигна и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, која повторно порача дека Европската Унија продолжува да ја поддржува Украина во одбраната од руската инвазија.





