Според нив, советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со исклучок на неколку поединци, поддржале план кој предвидува нова изградба во подрачје што, како што наведуваат, е означено како терен под влијание на ерозија.
„Социјалдемократите и демохристијаните заедно сметаат дека правото на сопственост и градење е поважно од правото на граѓаните да бидат безбедни и Водно да не им се сруши на глава“, реагираат од „Шанса за Центар“.
Од иницијативата тврдат дека со предложениот нацрт-ДУП се предвидува изградба на 25 нови објекти, од кои 24 се приватни семејни куќи, на простор за кој сметаат дека не треба дополнително да се урбанизира поради опасност од ерозија и свлечишта.
Во својата реакција тие предупредуваат дека секое ново навлегување во шумскиот појас на Водно може да има сериозни последици за целиот град.
Тие наведуваат дека нивните советниците заедно со оние од Левица и ЗНАМ, како и уште двајца поединци од големите партии, биле против „ваквото искористување на падините и шумите“ на Водно.
„Ако Галите во стрипот ‘Астерикс и Обеликс’ се плашеа небото да не им падне на глава, скопјани и особено центарци, треба веќе да се плашат Водно да не им падне на глава. Не може да се задоволи огромниот апетит за разјадување на шумата на планината која треба да го штити градот од поројни поплави и лизгање на земјиште“, додаваат од иницијативата.





