среда, 15 јули 2026

Обвинение за поранешен директор на СОЗР, летал приватно со владиниот авион и трошел службени пари

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Пеце Мирчески кој се гони за продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, како и за фалсификување службена исправа.

Објавено на

часот

Сподели

Според обвинението, во периодот од јули 2021 до март 2024 година, обвинетиот без законски основ за себе и за повеќе вработени потпишувал решенија и патни налози за службени патувања во странство, а за приватни потреби го користел владиниот авион „Лирџет 60“. За овие патувања од сметката на СОЗР биле плаќани различни трошоци, додека обвинетиот неосновано користел и средства од службената платежна картичка за хотелски и угостителски услуги.

Со овие дејствија, според Обвинителството, буџетот на СОЗР бил оштетен за 2.562.139 денари.
Обвинението го товари и дека во периодот од октомври 2023 до јуни 2024 година не презел мерки против пилот вработен во СОЗР, иако бил информиран дека по завршените обуки не ги исполнува потребните стандарди за управување со авионот „Лирџет 60“. Наместо да побара враќање на трошоците за обуката и да покрене постапка за престанок на работниот однос, му овозможил да продолжи да прима плата како капетан-водач на воздухоплов, со што, според обвинението, е предизвикана дополнителна штета од 5.431.624 денари.
Обвинителството го товари и за фалсификување службени исправи во постапки за јавни набавки за изнајмување возила. Во изјавите за непостоење судир на интереси, како што се наведува, внел невистинити податоци дека нема приватен интерес, иако тој и неговата сопруга користеле возила без надоместок од фирмата што ги добила договорите за јавните набавки.
Во истрагата бил опфатен и сопственикот на рент-а-кар-компанијата, под сомнение за давање поткуп. Сепак, јавниот обвинител не утврдил доволно докази дека постоела намера преку бесплатното користење на возилата да се обезбеди поволен третман при тендерските постапки, поради што за него истрагата е запрена.
Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Пеце Мирчески, лани беше уапсен наводно поради тоа што добил на лично користење автомобили од операторот кој ја опслужува Владата со службени возила, а по една година стана бизнисмен и основа фирма за производство на преработена храна.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ