среда, 15 јули 2026

Глифосат во грозјето и виното има во дозовлени количини, иако Македонија нема сопствена проценка на ризикот

Остатоци од глифосат во грозјето и виното има, но не над дозволените граници, уверуваат надлежните од Државната фитосанитарна лабораторија (ДФЛ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Според податоците кои му беа одставени на МКД.мк во последните пет години не е утврдено присуство на глифосат над законски дозволените граници во анализираните примероци. Од АХВ признаваат дека лабораториите не анализираат само глифосат, туку испитуваат повеќе пестициди согласно законските прописи и во рамките на акредитираниот опсег на методите што ги применуваат. МКД.мк веќе пишуваше дека Македонија не врши сопствена проценка на ризиците од глифосатот, една од најконтроверзните активни супстанци што се користат во земјоделството ширум светот, туку целосно се потпира на научните оценки и регулаторните одлуки на Европската Унија (ЕУ) откако дел од производителите го отворија прашањето за употребата на глифосатот во лозарството. Преку индивудуалните искуства на Александар Димовски и Ана Габор, МКД.мк веќе пишуваше за подигање на јавната свест за еколошко производство во Преспанскиот регион.

 

 

Објавено на

часот

Сподели

Според  Државната фитосанитарна лабораторија (ДФЛ), во периодот од 2020 до 2025 година не бил анализиран ниту еден примерок од грозје за присуство на глифосат. Во истиот период биле извршени вкупно седум анализи за определување на глифосат и неговите метаболити, три на примероци од вино, три на семе од коприва и една на плод од шипка.

Кај сите анализирани примероци, вклучително и трите примероци од вино, концентрациите на глифосат и неговите производи на разградување биле под границата на квантификација, односно под најниската концентрација што акредитираната аналитичка метода може сигурно да ја измери.

„Кај сите анализирани примероци, концентрациите на Glyphosate, AMPA, N-Acetyl-Glyphosate, MPPA и Glufosinate беа под границата на квантификација (LOQ) на акредитираната метода, што значи дека не е утврдено присуство на овие соединенија во концентрации што можат сигурно да се квантифицираат со применетата аналитичка метода. Сите наведени примероци се доставени од приватни клиенти. Поединечните лабораториски извештаи не се јавно достапни, бидејќи содржат информации што се однесуваат на конкретни примероци и нарачатели“, велат во одговорите што ги испратија до МКД.мк од Фитосанитарната лабораторија.

Оттаму дополнуваат дека ДФЛ е акредитирана лабораторија која врши лабораториски испитувања и нема законски надлежности за преземање инспекциски или управни мерки туку тоа го прават надлежните институции кои ги спроведуваат програмите за мониторинг на остатоци од пестициди.

Од друга страна, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) наведува дека во рамки на Програмата за мониторинг на безбедноста на храната во последните пет години биле спроведени контроли на остатоци од глифосат во грозје и вино произведени во Македонија. Според АХВ, во анализираните примероци не било утврдено надминување на максимално дозволените нивоа на глифосат, а досега не е добиен ниту еден позитивен наод за оваа активна супстанција.

„При вршење на лабораториски анализи се бара само испитување на резидуи во однос на максимално дозволените нивоа на резидуи од пестициди во или врз храната и храната за животни од растително и од животинско потекло,  а не и на кој пестицид да се изврши испитувањето. Досега АХВ нема добиено позитивен наод на глифосат. Лабораториите вршат испитувања на пестициди во рамки на опсегот на акредитација. Во анализираните примероци не е утврдено надминување на максимално дозволените нивоа на остатоци за глифосат“, велат од АХВ.

Од АХВ дополнуваат дека во последните пет години АХВ не издала забрана за продажба, не наложила повлекување од пазарот ниту уништување на грозје, вино или други прехранбени производи поради присуство на глифосат.

„Согласно проверката на податоците достапни преку Системот за брзо известување за небезбедна храна на Европската унија (RASSF) за последните пет години, не се евидентирани случаи на враќање или одбивање на македонско грозје или вино од земји-членки на ЕУ поради присуство на глифосат. Небезбедните производи се повлекуваат од пазарот и нештетно се уништуваат“, велат од АХВ.

МКД.мк веќе пишуваше дека Македонија не врши сопствена проценка на ризиците од глифосатот, една од најконтроверзните активни супстанци што се користат во земјоделството ширум светот, туку целосно се потпира на научните оценки и регулаторните одлуки на Европската Унија (ЕУ) откако дел од производителите го отворија прашањето за употребата на глифосатот во лозарството. Преку индивудуалните искуства на Александар Димовски и Ана Габор, МКД.мк веќе пишуваше за подигање на јавната свест за еколошко производство во Преспанскиот регион.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ